Петар Печков
Објавено: понеделник, 30 март 2015
Невладините здруженија од Велес ќе ги плаќаат струјата и водата во просториите кои бесплатно ќе ги добијат на користење од локалната власт. Барањето од граѓанските здруженија да се ослободат од плаќањето на овие сметки, поради лошата материјална состојба, не беше поддржано. Но и предизвика голема полемика меѓу советниците, па дебатата траеше повеќе од час и пол.
Разгледувајќи го Предлог-правилник за користење на простории сопственост на Општина Велес од страна на здруженија, фондации и сојузи од Општина Велес имаше дијаметрално спротивставени ставови. На трибина одржана пред еден месец, невладините побараа, освен што ќе ги добијат бесплатно просториите да бидат ослободени и од плаќање на трошоците за комуналии, струја и вода.
Причина била тешката материјална состојба во која се наоѓа овој сектор., како и тешкотиите со кој се судруваат при реализација на проектите. Зад овој предлог застана опозицијата, наспроти позицијата, која сметаше дека тоа е сериозен трошок во Општинскиот буџет.
Малку општини во земјава даваат бесплатно користење простор на граѓанските здруженија. При наши контроли изминатиот период, констатиравме дека струјата се користи без контрола и непотребно. Здруженијата треба да работат домаќински а не да ги оставаат грејните тела да работат непотребно. Не е точна бројката дека сме плаќале од три илјади евра годишно,напротив таа е многу повисока - изјави градоначалникот Славчо Чадиев.
За позицијата доколку се изгласа вакво ослободување ќе значи отворање на врата за помош и на спортски клубови и други здруженија кои ќе побарале локалната власт да ги подмирува трошоците за струја и вода и за нив. Опозицијата пак остана во одбрана на барањето на дел од граѓанските здруженија дека е потребно да им се помогне, во ситуација кога пари од странските фондови има се помалку.
Градоначалникот Чадиев најави дека е можно во наредниот период, да се разгледа овие здруженија да бидат ослободени од плаќањето на сметките за вода. Со мнозинство гласови од 13 спрема 8 е прифатен Предлог-правилник за користење на простории сопственост на Општина Велес од страна на здруженија, фондации и сојузи. Наскоро ќе биде објавен повик со кој заинтересираните ќе можат да конкурираат за простор. од општината велат дека простор име доволно и ќе го има за сите што се заинтересирани.
Нив ги има освен во зградата во Дворови, и во зградата на киното, во спортската сала Гемиџии, во просториите на МЗ Алексо Демниевски Бауман спроти Симпо, Трајко Панов - на кривината кон Болница, Славе Петков до ОУ Св. Кирил и Методиј, Тодор Јанев кај градинката во Населба, во некогашниот Пензионерски дом и хотел Вила Зора, во библиотеката Гоце Делчев. Простор има и во спомен куќите на Васил Главинов и на Касапови.
Tweet |