Петар Печков
Објавено: понеделник, 01 ноември 2021
Според официјалните а не и конечни резултати од вториот круг за градоначалник, во двете соседни општини Лозово и Чашка, Државната изборна комисија објави дека во Лозово има нов градоначалник- додека во Чашка, досегашниот Горан Стојановски од СДСМ доби уште еден мандат. Партиите и кандидатите имаат право на приговор.
Во Општина Чашка Горан Стојановски од СДСМ освои 2.327 гласови или 56,07% додека вториот кандидат Суат Шаќиров од ДУИ има освоено 1.734 гласови или 41,78%. Во оваа општина вчера од запишани 6.171 гласач, на 31 избирачко место излегле 4.150 што е 67,25 отсто, неважечки се 89 гласачки ливчиња. Стојановски освои по стотина и повеќе гласови во секое од трите избирачки места во Долно и Горно Јаболчиште. Победи во Мелница, Горно Врановци.
Во Општина Лозово Бошко Цветковски од ВМРО-ДПМНЕ освои 783 гласа или 49,94% додека вториот кандидат Ацо Велковски од СДСМ има освоено 744 гласови или 47,45%. Во оваа општина вчера од запишани 1.984 гласачи, на 9 избирачки места излегле 1.568 што е 79,03 отсто, неважечко е 41 гласачко ливче.
Во две општини од централниот Вардарски регион имаше највисок одѕив во земјава, над 80 отсто- Росоман и Демир Капија.
Во Росоман победи кандидатот на СДСМ Стоја Николов со 1.471 освоени гласови или 53,65% додека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тихомир Николов освои 1.215 гласови или 44,31%. Во оваа општина на 10 избирачки места излезеноста беше 82,02% или од 3.343 гласачи излегле 2.742 и има 56 неважечки гласачки ливчиња.
Во Демир Капија победи исто така кандидат на СДСМ- Лазо Петров со 1.323 или 49,83%, додека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Андон Донев има 1.287 гласа или 48,47%. Во оваа општина на 11 избирачки места излезеноста беше 81,69% или од 3.250 гласачи излегле 2.655 и има 45 неважечки гласачки ливчиња.
Во сите овие четири општини податоците се од 100 отсто обработени гласачки места.
Tweet |