Петар Печков
Објавено: среда, 06 јули 2016
Двајцата членови на ПД Чеплес од Велес Тодорче Ѓоргиев и Љупчо Ѓорѓиев изминатите денови се искачија на два врва Кастор во Италија и Мон Блан во Франција. И додека велешани се печеа на врелото сонце, двајца нивни сограѓани мака мачеа со снегот и мразевите на високите делови од Алпите. Тие беа дел од српската експедиција која го искачуваше, до пред десетина години, највисокиот врв на Европа. Врвот Кастор 4226 м. кој е на Италијанско- Швајцарската граница бил освоен на 26 јуни.
На 25-ти јуни пристигнавме на 3036 м. н. в. во Домот Мезелама и тоа пола пат по силен дожд , град и грмотевици. По пристигнувањето малку не огреа сонце и можевме да исушиме дел од опремата за да продолжиме со искачувањето. На 26-ти рано наутро започнавме со искачување на Кастор. Половина од патеката е со блага угорнина и снег, додека остатокот од патот е со дури и до 75% угорница и замрзнат снег. Пред врвот имавме силна стрмнина каде што се качувавме со две раце, две нозе и цепин за да не дочека 30 см широка и 50м долга патека на сртот која води до врвот. Може и добро што имаше магла и не гледавме наоколу и што бевме сконцентрирани на опасноста па така и го поминавме тој ,,нож,,. На врвот честитки и задолжителни фотки со државни, клупски и спонзорски знамиња. За враќање дури и потешко од искачувањето , но како и да беше стасавме до 3420 односно, до вториот дом каде што ноќевавме - раскажува Тодорче помладиот од двајцата освојувачи, со исто презиме Ѓоргиев. Следниот ден експедицијата се упатила до Шамони- Франција, од каде започнале со искачувањето до Мон Блан, кој лани не усепале. Првиот дел бил полесен, пола патека трекинг, пола искачување по карпа. За нешто повеќе од 3 часа стигнале до домот Тетрус кој е на висина од 3.700 м. н. в.
На 29 ти, тргнавме по пат кој лани не ни успеавме да го минеме. Патот низ кулоар, т.н. патека на смртта каде што минатата година на неколку минути пред наше стигнување загина Француски алпинист. Кулоар е позиција, каде што непрекинато паѓаат се тркалаат камења и што не бадијала се вика кулоарот на смртта. Оваа година имавме малку среќа што имаше повеќе снег и беше ладно што ги држеше камењата .Со страв и голема претпазливост и не така лесно го поминавме тој дел. По кулоарот се до вториот дом Дегуте 3800 беше вертикала од 600м. И таа ја совладавме и кога стигнавме веќе на местото од каде што снегот го има постојано , како да бевме веќе растоварени од мислата за неуспех. Но временските прилики т.е неприлики не се согласија со нас. Во вечерните часови започна страшна виулица . Силен ветер кој донесе магла и започна да врне снег. Легнавме да одмориме со мисла дека ќе помине и ќе имаме убав дена како што имаа и другите пред нас. Во два часот на 30 јуни, иако ноќ и треба да е темно, надвор белило. Снег и магла и ништо не се гледа, па решивме да се вратиме во кревет. Излеговме во 8 часот од домот и така час по час, малку по малку, облачно со магла, ќе се јави сонце низ прозорче, ќе дувне ветре малку појако и сушецот ќе го донесе во лице. Ќе боли и боли ама ај уште малку , ќе се јави сонце и си викаш ќе биде и така се до засолништето Валот на 4300. Малку пауза , храна житарица, вода , чоколадо и нема назад . Уште 500 метри, 500 ама тешки. Поредок воздух, подлабок снег, магла која ја имаше се до врв, одење по долги сртови а широки по 30 см. Но физичката и психичката подготвеност, високата концентрација и желбата за успех беа поголеми од сите препреки и така по 8 часа одење Мон Блан 4810 беше наш. Честитања, фоткање, солзи, неверување дека на такво време четири Македонци, 12 Срби и 2 Словаци ќе излезат на врв . Излеговме, се сликавме и го доживеавме еден подруг Мон Блан , кој во такви услови вреди повеќе да се почитува. Видовме една друга слика , слика на желба за успех , на опстанок и спас. Видовме планина која тера да се вратиш и погледнеш или доживееш во друго издание. Но дали, ќе видиме - раскажува Тодорче.
Така тој во низата по Арарат 5137 Турција , Дамаванд 5671 Иран , Елбрус 5642 Русија , Гранд Парадизо 4061 Италија , и други пониски врвови на Доломити и Алпи , ги впиша во листата на освоени и Кастор 4226 Италија и Мон Блан 4810 Франција.
Со паѓањето на ,,железната завеса,, во Европа, се поместија и географските вредности. Ако до 90-тите години на минатиот век најдолга река во Европа беше Дунав, сега е Волга со 3,7 илјади км. Највисок врв е Елбрус 5642 м на Кавказ, наместо Монт Блан а и географскиот центар на Европа се дислоцира во близината на Вилнус – Литванија.
Tweet |