Петар Печков
Објавено: понеделник, 22 април 2013
По само десет секунди Александар Пановски од ФК Борец од Велес постигна гол со стана меѓу најбрзо постигнатите во земјава. Тој во 23-тото коло од Третата лига Југ се запиша во листата на стрелците на брз и ефектен начин. По изведувањето на почетниот удар, беше проиграно левото крило, кое брзо продре, нафрли на работ на шеснаесетникот а Пановски со силен удар го погоди голот, откако и гостинскиот голман слабо интервенираше.
Така почна голедата на Градскиот стадион во Велес, каде Борец славеше со високи 8:0 против екипата на Сирково. ВО ФФМ не располагаат со евиденција кој е најбрзо постигнатиот гол во Македонија. Но секако овој на Пановски е на врвот. А ФК Борец брка и друг рекорд, да го заврши првенството во овој ранг без пораз. По 23 одиграни натпревари велешани се први со 19 победи и три нерешени средби, а до крајот на првенството остануваат уште седум кола.
Tweet |