Петар Печков
Објавено: понеделник, 23 февруари 2015
Првиот ден по Прочка, Чист Понеделник е почеток на четириесетдневните Велигденски пости. Овој ден се обележува во Велес со традиционално јадење бел грав и со собир во велешкото маало Мегдан. Тука е срцето на старото градско јадро. Жителите на Мегдан љубоморно и со гордост ја чуваат оваа традиција.
Оваа традиција сите мегданчани ја чествуваат, негуваат, поддржуваат. Сите гости се добредојдени, било од каде да се, од кој дел на градот. Грав и јадење име за сите - вели Александар Ристов кум на Чист понеделник.
Кога лани доброволно се пријавил да биде кум не бил женет а во меѓувреме во овие 12 месеци, му се случила свадба, да се ожени. Кумството се предава со единствен начин, венец од сушени црвени пиперки, околу вратот на кумот. Традицијата за овој ден е поврзана со зимата која заминува и доаѓањето на пролетта кога почнува чистењето на домовите, куќите и дуќаните, како и со прочистувањето на луѓето од тешките зимски јадења. Домаќините со широко отворени раце ги пречекуваат гостите. Меѓу гостите на Мегдан на чист понеделник беше натурализираниот скопјанец, роден велешанец Ѓорѓи Дебарлиев.
Не пропуштам можност, додека ме служи здравјето да дојдам во родното маало. Се враќам во детството, се гледам со старите соседи, пријатели. Убаво е чувството и задоволство е да се биде тука - вели Ѓорѓи. Тој е тука со сопругата Лилјана. Денес, овој понеделник на Мегдансе подготвија педесетина килограми грав, за гости добронамерници и случајни минувачи. Наназад 20 години мајстор кој го подготвува гравот е Тодор Иванов -Башката
Сите кои ќе поминат се добредојдени. Рецептот не се менува, ист е со децении, грав, малку црвена пиперка, бибер. Штом се јаде до дно, се е во ред. Сваривме 10 килограми грав со 50 литри вода. Има се повеќе гости, ќе мора да бараме поголемо тенџере - вели Тодор кој со гордост кажува дека учел да подготвува грав од постарите од Картушот, од Балканот, Тоцинот.
Овој дел на градот, го добил името по турскиот збор мегдан бидејќи е чистина, од каде се гледа целиот стар дел на Велес.
Tweet |