Петар Печков
Објавено: вторник, 28 јануари 2014
Велешани се сведоци дека во градот има нова голема сеча на дрвја. Овој пат тоа е долж пругата Велес – Битола, во близина на зградата на локалната самоуправа. Исечени се повеќе од триесетина дрвја, сите багреми. Сечењето било минатата седмица.
Повеќе лица ги сечеa дрвјата кои се покрај пругата. Ова често се случува на овој дел, бидејќи тука живеам и сведок сум дека багремите често се сечат. И напролет и наесен. Велат дека била железница, заради заштита од пожари лете. Тие сечат ама никогаш не засадиле ниту дрвца. Го опустошија овој дел од градот – велат жителите кои живеат во близина на општинската зграда, каде минува пругата кон Битола.
Од Македонски Железници потврдуваат дека сечата ја вршат тие, но заради превентива од штетите од паднатите дрвја.
Старите и деградирани дрвја често паѓаат врз возовите, кршат стакла, повредуваат патници поради што сме обврзани да ги сечеме. За ова имаме дозвола и од Македонски шуми и од Шумската полиција. Згора на тоа земјата до 50 метри близу пругата е сопственост на железница, така што сите правни услови се испочитувани за оваа сеча – велат од МЖ.
Но не одговорија дали и колку дрвја имаат засадено на местото од исечените изминатите години. Затоа пак од Еколошката групација Зелен Сила од Велес го повикаа Македонски железници, кога следниот пат ќе засадуваат дрвја да ја повикаат јавноста, како и екологистите да присуствуваат на тој чин, оти досега не се помни такво нешто во градот.
Tweet |