Петар Печков
Објавено: четврток, 26 октомври 2023
Пензионерите продолжуваат со протестите, со кои бараат повисоки пензии. Вчера попладне од 17 до 18ч. беше блокиран сообраќајот на влезот во Велс, кај бензинската пумпа на Лукоил. Пензионирате ги повторија нивните познати барања, линеарно зголемување од пет илјади денари и минимална пензија од 18 до 20 илјади денари.
„Бидејќи Владата и надлежното Министерство се глуви на нашите барања, најавуваме дека следните протести ќе ги одржиме во Скопје и тоа пред странските амбасади“ - кажа Цветанка Петровска во нејзиното получасовано обраќање.
Присутните кажаа повеќе примери, животни судбини, како се живее со пензија од 13 илјади денари.
„Ние сме двајца дома, со една пензија од 13 илјади денари, не се живее, се преживува. За што попрво, за храна, за режиски трошоци, за лекови, треба некој пат и облека да се купи. Но очигледно дека ситиот на гладниот не му верува“ - кажа велешанец.
„Две години дома огрев немаме купено, оти ако купиме ќе нема за живот, па зимата ја минеме до сопругот греејќи се со ќебиња. За зминица да не правам мубет. Ќе ставиме нешто, колку да има, да не бидеме без ништо“ - додаде велешанка.
„Велат толку сме работеле и затоа толкава пензија. Овде гледам работници од Порцеланка, Свилара, Лозар, стечајци. Ние ли сме виновни што работевме а плата не зимавме. Здравјето го оставивме, во транзицијата други печалеа на наш грб и сега мали плати сме имале. Па со години без плата или минимална, што да очекуваме. И сега живееме со 13-14 илјади денари. Срамота“ - вели сограѓанка.
Во овој период од 60 минути автобусите не можеа да стигнат до автобуската станица, па патиците беа оставани кај кружниот тек на влезот, кај бензинската на Макпетрол и тие потоа пеш се упатуваа до градот и нивните домови.
Tweet |