Петар Печков
Објавено: понеделник, 26 ноември 2012
Заврши санацијата и се реновираа Спомен куќите на Петар Поп Арсов во Богомила и на Коле Неделковски во селото Војница. Повеќе од две децении откако постојат, овие две куќи примале гости па годините и времето влијаеле врз нивната состојба, по што за прв пат се изврши нивна реконструкција. Така гостите кои ги посетуваат имаат подобри услови за разгледување на поставките.
И двата објекти се стари по стотина години и се значајни како градба и архитектура поради што се заштитени од државата. Првата куќа била своевремено училиште каде се школувал поетот Коле Неделковски (1912-1941) и се наоѓа во село Војница, бидејќи неговата родна куќа одамна е срушена. Другата куќа е таа во која се родил и живеел револуционерот и еден од основачите на Македонската Револуционерна Организација Петар Поп Арсов ( 1868- 1941) во селото Богомила.
Состојбата со спомен куќата на Коле Неделковски беше лоша оти беше оштетен кровот и скалилата кои водат до неа, поради што постоеше опасност од нејзино рушење и по безбедноста за посетителите. Ова беше важно да се стори и заради зачувување на музејската постапка која е внатре и можеше да се оштети. Куќата на Петар Поп Арсов поради пукање на водоводната инсталација зимава е оштетена во една од просториите. Затоа беше потребна интервенција во објектот. Со преземените работи и двете Спомен куќи сега се заштитени на подолг период – вели Марин Клифов виш кустос во историското одделение при Народниот Музеј во Велес.
Оваа санација беше извршена со средства од Министерството за култура, и е прва од формирањето на спомен куќите, оти досега не е интервенирано на нив. На куќата на Неделковски беше реновирана кровната конструкција, пристапните скалила, се белеа просториите и се промени на стаклото на сите прозори.
Таа подготвена за 16-ти декември кога треба да се обележи 100 годишнината на раѓањето на поетот Коле Неделковски. Санирана е и куќата на Петар Поп Арсов, но од Народниот музеј очекуваат дека општина Чашка ќе го реши проблемот со водоводната инсталација која е од соседството и е во нивна надлежност, за да не се случи повторно да се оштети собата. Поставката на Коле Неделковски е отворена во 1982-тата година додека таа на Петар Поп Арсов во 1986-тата година. И двете куќи се посетени од различна популација која доаѓа од цела Македонија, таа на поетот од ученици, додека на Поп Арсов од пензионери.
Tweet |