Петар Печков
Објавено: четврток, 23 март 2017
Со премиерата на претставата ,,Театар љубов моја,, понеделник вечер, велешки театар ќе го одбележи Светскиот ден на театарот 27 март. Таа е работена по текст на бугарскиот автор Валери Петров во режија на Дејан Дамјановски, драматург е Сашо Димоски.
Иако претставата изворно е пишувана и работена за две актерки, во велешки театар таа раскажува животни патишта на четири актерки.
Среќна сум што театарската кариера ја заокружувам со наменска претстава за театарот. Сиот мојот живот е љубовта кон театарот, и не` секој го има тоа задоволство. Јас нема да раскажувам за мојата ролја, туку ја поканувам публиката да тоа го погледне – рече Ивковска, која од есен оваа година треба да замине во пензија.
Валери Петров е познат како преведувач на Шекспировите дела на бугарски јазик, автор на 30 книги и 20 сценарија за играни и анимирани филмови. Режисерот најави дека ова е подарок од велешки театар за денот на театарот, за неговите вљубеници.
Преку играта на четирите актерки, ја разбираме суштината на театарот а тоа е игривоста, променливоста, во еден миг актерот се трансформира во леди Магбет, во Офелија, во Нора. Ова е претстава која задира длабоко во театарската уметност и таа е доста комплекса – изјави Дамјановски.
Претставата која е праизведба во Македонија се игра на Мала сцена во велешки театар. Во неа настапуваат: Кица Ивковска, Зорица Панчиќ, Кети Борисовска и Талија Настова. Тие се четири актерки кои во гардероба чекаат да имаат проба. Учат текст, се присетуваат што се им се случило на сцената.
Текстот е голем предизвик, оти зборува за нас, за нашиот живот, за нашето време минато во гардеробите. Таа е интересна и за нас самите, актерките, така што очекувам дека ќе биде уште повеќе за публиката - изјави Панчиќ.
Сценографијата во ,,Театар љубов моја,, е на Филип Коруновски, костимите на Раде Василев а музиката на Сашко Костов.
Tweet |