Петар Печков
Објавено: вторник, 04 септември 2012
Планинскиот масив Јакупица крие голем базен вода во голем пештерски систем, досега целосно неистражен. Ова лето две различни експедиции словачка и руска, одвоено ги истражуваа пештерите во подножјето на планинскиот врв Солунска глава за да откријат, со колку вода располага масивот. Спелеолозите го бараат одговорот на повеќе прашања, колкав е басенот со вода, кој е изворот на сите реки, колкав е пештерскиот систем? Цел на проучувањето е огромниот воден потенцијал со кој подземниот простор располага, а се претпоставува дека во него се собираат сите води од планината Јакупица и Солунско поле, поради што тоа е мошне важно стратешко истражување.
Овој пештерски систем со вода кој е откриена многу одамна, активно се истражува од 2000 година со помош на странски спелеолози. Се работи за претпоставен пештерски систем, најголем во Македонија, кој треба да се најде во масивот Јакупица, каде што се кријат и најголемите резерви на вода во средишниот дел на Македонија. Наша работа е да истражиме а на други е да заштитат водата и неа да ја користат – вели Иван Жежовски претседател на Спелеолошкото друштво Пеони, кој е организатор на истражувањето.
Годинава тие поканија во два наврати, нивни колеги од Словачка и од Русија. Тие работат во тешки услови, на ниски температури, во влажни и темни галерии долги и по стотина метри. Спелеолозите се во потрага по подземниот басен, од којшто се претпоставува дека извираат сите планински реки на Јакупица. Овој систем може да снабдува една третина од населението на Македонија, скопскиот, велешкиот, прилепскиот, кичевскиот регион.
Имаме мачна и макотрпна работа, која се одвива бавно. Наидовме на галерија сто метри висока, триста долга, каде треба се да истражиме. Тешко е искачувањето по ѕидовите без помошна техника, која не може да се внесе во пештерите бидејќи тесен е просторот. По прегледот на горниот дел, сфативме дека тоа е многу мал дел вода, кој би требало да се наоѓа во таа зона, и затоа се потребни дополнителни истражувања на горниот дел и на самиот извор на реката Бабуна - рече русинот Роман Зверев кој ја истражуваше пештерата заедно со колеги од спелеолошкиот клуб при Универзитетот Ломоносов од Москва и спелеолошкиот клуб Перово од Москва.
Тие се искачија и до врвот Солунска глава, за да ги анализираат можните понирања на водите во масивот. Никој точно не знае колку е долг пештерскиот систем под Солунска глава. Врнежите кои се обилни и чести за ова подрачје и снегот кој во поголем дел од годината го има на Бегово поле, се основата за богатиот воден потенцијал.
Откриениот пештерски комплекс изобилува со големо количество на пивка вода за пиење што е ретко и значајно богатство во денешно време, ако се знае дека водата за голем дел од европските земји е проблем и ја имаат во ограничени количини. Пештерата има огромен потенцијал и е мошне занимлива затоа што верувам дека голем дел од спелеолозите кога ќе ја видат ќе им остави впечаток и ќе сакаат да се вратат повторно за да нурнат во неа – вели словачкиот спелеолог Карол Кишка.
Изминатите години неколку експедиции засилено го истражуваа пештерскиот систем на Јакупица откриен 1968 година, но поради тешките услови за работа, бавно се напредува. Од велешката страна на планината извираат две реки Бабуна и Тополка а оваа втората го наполни ХС Лисиче со вода и Велес го обезбеди со вода за пиење следните стотина години.
Tweet |