Петар Печков
Објавено: понеделник, 12 мај 2014
Велешани со часови седат на гробните места и чекаат да дојдат екипите на ЈП Дервен за да се изврши реевиденција. Новиот премер на гробните места на црквата Св. Пантелејмон создаде гужви чии последица ги трпат пред се постарите жители на градот. Тие тревливо чекаат на гробот од блискиот за да се изврши оваа постапка, која започна од почетокот на месец мај.
Наутро има по 70 до 80 души. Ни најавија дека ќе започнат со работа од 8 доаѓаат од 9 и подоцна. Само две лица се за ова обврска, кадe попрвo да стигнат. Јас сум од населба Превалец и два дена сум тука а не завршив работа. Ќе дојдам и утре, но не знам дали ќе успеам – вели жена која се наоѓа на гробот од нејзините родители.
Времето го минуваат во муабет со соседните од блиските парцели, кои исто така чекаат да дојдат на ред за премер. При посетата на гробните места од црквата Св. Пантелејмон иако се има впечаток дека се е мирно, доаѓањето на гости е надеж дека тоа се вработените од ЈКП Дервен. Иако е работна недела гужва и бројни сограѓани, врвулица од народ невообичаено за овој дел од седмицата, кога не е верски празник ниту викенд.
Слушнавме дека ќе има премер на гробните места и еве дојдовме да ја завршиме оваа обврска. Но очигледно дека Дервенци не се организирани. На ова жешко време, сопругата чека на грог под сенка со саати. Трет ден сме и абер нема дека ќе завршиме. Згора на тоа слушам дека едно гробно место може да биде широко 70 цм. Толку биле стандардите ако е повеќе, пишуваат уште еден гроб. Па со таа нивна ширина еден сандак не може да се постави во гробот – вели друг велешанец.
Минатата година ваков премер и реевиденција се вршеше на гробните места на црквата Св.Спас. Сега се започна на Св. Пантелејмон. Во соопштението од ЈКП Дервен до јавноста, тие ги повикаа граѓаните кои се сопственици на гробни места да се пријавуваат а со себе да понесат една сметка за комунални услуги и лична карта. Цената не едно гробно место од пред три години беше покачено на 60 денари за месец или 720 за година а претходно беше 80 денари за цела година. Ова покачување предизвика тогаш жестоки реакции кај велешани. Од ЈКП Дервен најавуваат дека ќе излезат во пресрет на зголемениот интерес на граѓаните.
Поради зголемениот интерес кај граѓаните за реевидентирање на гробните места што ги поседуваат, ЈКП Дервен во наредниот период ќе го зголеми бројот на вработени за прием на странките – велат од велешкото комунално претпријатие.
Што се однесува на широчината на гробните места ги отфрлаат реакциите на граѓаните, посочувајќи дека според Правилникот големината на ископаната јама изнесува широчина 80 до 90см, должина 200см, а дното на гробот треба да биде најмалку 50 см над највисоката точка на подземната вода.
Tweet |