Петар Печков
Објавено: четврток, 21 јули 2016
Два лица со посебни потреби од Велес, добија електро- моторни инвалидски колички, вредни по 125 илјади денари. Ова е активност на Општина Велес заедно со граѓански организации ,,Здружението на лица со церебрална парализа,, и ,,Мобилност,, а во рамките на спроведувањето на Локалниот акциски план на лица со инвалидност.
Сакаме на лицата на кои им се неопходни вакви колички, непречено да се движат. Социјалното вклучување на овие лица во секојдневниот живот се остварува преку обезбедување достапност до услугите на заедницата. Цел ни е лицата со посебни потреби максимално да ги интегрираме во живеењето – рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Средствата се обезбедени од локалниот буџет, префрлени до здруженијата и тие ги набавиле а количките денес се доставени до корисниците. Едната количка е за ученичка основец а втората за девојка која боледува од мултиплекс склероза. Количката работи на електро- мотор, со можност да вози до 30 км, користи батерии кои се полнат. За користење на електро количката неопходно е позитивно мислење од невролог.
Локалната власт деновиве ќе набави хидраулична дигалка, која е наменета за семејството Димитриевски, кое има два сина на 35 и 32 годишна возраст, лица со тешка инвалидност, со дистрофија. Со оваа дигалка, на мајката која се грижи сама за синовите, ќе и биде олеснето нивното префрлање од кревет до количка и обратно.
Tweet |