Петар Печков
Објавено: петок, 21 декември 2012
На просторот каде се наоѓа Топилницата со промена на Генералниот Урбанистички план се предвидува во овој дел на Велес да има зелен појас. Ова беше темата на јавната расправа која се одржа во салата на локалната самоуправа а преку која страните во случајот можеа да ги кажат нивните ставови. Така по прв пат во една просторија и на иста маса, седнаа претставниците на Зелената коалиција од Велес и инвеститорот Метрудхем од Скопје. И додека првите се против за рестартот на Топилницата, вторите се залагаат таа да започне да работи на истото место и со истата опрема.
Новото планско решение ќе има позитивен, долготраен ефект за најмалку 45 000 жители кои живеат во Велес. Планскиот документ Изменување и дополнување на Генерален Урбанистички План за град Велес, се носи со цел на измена на постојниот ГУП и со промена на намената на просторот од Г1, тоа е тешка и загадувачка индустрија, во класа на намена Д2 заштитно зеленило. Тоа ќе овозможи целосна ревитализација на локацијата која е контаминирана со тешки метали олово, цинк, арсен, кадмиум, бакар поради 30 годишното загадување на воздухот, водите и почвата на Велес. Пренамената од тешка индустрија и лесна индустрија, складишта, магацини во заштитно зеленило ќе придонесе кон ублажување на последиците од историското загадување на животната средина и намалување на ефекти врз почвата и подземните води, спречување на разнесувањето на загадувачките материи во пошироката околина на градот Велес - изјави Билјана Манаскова Шуркова локален инспектор за животна средина во Општина Велес.
Од повеќето можни сценарија локалните власти се решил за зелен појас по препорака на Министерството за здравство. На оваа трибина имаше и претставници од инвеститорот Метрудхем кои прашаа кој ќе ги сноси трошоците ако дојде до пренамена на просторот и селење на инсталацијата.
Имаме повеќе работи со кои се согласуваме а тоа е дека сегашната состојба на статус кво е најнеповолна за велешани. Бидејќи и нас ни е познато колку е згадена велешката почва со тешки метали и дека таа треба да се отстрани до 60 цм длабочина. Но прашањето е како се предвидува и кој ќе го финансира тоа дислоцирање на инсталацијата и опремата. Во планот тоа го нема. Ако овој план се донесе а нема кој да го финансира отстранувањето на комплексот, тој таму ќе остане, бидејќи тој што ќе го смени планот тој ги носи реперкусиите за негово реализирање – рече Александар Билбилов од Метрудхем. Членовите на Зелената коалиција, која опфаќа седум невладини организации со еколошки предзнак заедно со општина Велес велат дека ова е единственото решени за градот.
И натаму сме со истите ставови Топилница не може да проработи на постојната локација. А доколку се дојде до ситуација да се донесе новиот ГУП, каде таа не постои, уверен сум дека ќе најдеме средства, ЕУ тоа го нуди, да се исече Топилницата и се дислоцира од градот а таму да имаме зелен појас. Верувам дека Европа во тоа ќе не поддржи – вели Ненад Коциќ член на Зелената коалиција.
Од Министерството за животна средина објаснуваат дека клучен елемент во битката за рестарт на Топилницата е доколку се изврши пренамена на локацијата каде сега се наоѓа топилницата и натамошната постапка ќе биде беспредметна. Конечниот збор за пренамена на ГУП ќе го имаат Министерството за транспорт и врски и Министерството за живота средина, откако претходно Советот на општина Велес истиот ќе го усвои.
Tweet |