Петар Печков
Објавено: четврток, 25 април 2013
Петнаесет деца на училишна возраст најде докторската екипа за вакцинирање при посетата на високите зони од левата страна на Велес. Оваа посета е во рамките на Неделата на имунизација, која се одржува седма година по ред, во четвртата недела од месец април а ја спроведува ЈЗУ Медицински центар преку одделението за превентива. Доаѓањето на лекарската екипа облечена во бело беше настан за тамошните деца. Тие се тискаа околу докторите, некои имаа страв од средбата со нив, други храбро ја подаваа раката.
Во текот на ова претпладне изведовме акција на вакцинирање на деца кои иако се на школска возраст, не посетуваат училиште, од за нас нејасни причини. Тие се не вакцинирани или не комплетно вакцинирани а сите се вон наставен процес. Затоа излеговме на терен и пронајдовме 15 вакви случаи и на лице место ги вакциниравме. Имаме список на деца и така ги пронаоѓаме. Мошне е важно за овие деца кои се постојано на улица да бидат вакцинирани, заради превентива од заразни болести – изјави д-р Пандели Божиков началник на службата за превентивна здравствена заштита.
Децата беа вакцинирани од тетанус, ситна сипаница, заушки и рубеола. Велешкиот регион е при врвот во Македонија според вакцинираноста на децата во земјава, 95 отсто од нив се опфатени со вакцини на школска и претшколска возраст, додека за ХПВ е дури 98 отсто. Додека во другите средини има отпор кон оваа женска вакцина во велешко нема проблеми со родителите на ова популација, освен во пет случаи.
Нашите деца не одат на училиште, Господ ги чува, не се вакцинирани. Се селиме често низ Македонија, кај ќе најдеме работа таму остануваме повеќе месеци, затоа ги нема во евиденција. Кога ќе дојде време на берба на вишни, тогаш сме по полето и така не нема – вели мајка на шестгодишно девојче. Европската недела на имунизација се спроведува од 22-ри до 27-ми април под мотото ,,Заштити, спречи, вакцинирај,,. Во овој период екипите за имунизација беа и во поголемите велешки села Горно и Долно Јаболчиште, Бузалково, Горно Оризари, Мелница каде децата беа вакцинирани од тетанус а девојчињата од ХПВ.
Tweet |