Петар Печков
Објавено: понеделник, 05 мај 2014
Наездата на глодачите по велешките ниви во месноста Речани, ги поттикна градинарите да се самоорганизираат. Тие навечер дежураат со сачмарки во рака со цел да се одбранат од нутриите, кои го јадат нивниот род.
Годинава штетата што глодачите за две три седмици им ја направија на петнаесетина земјоделци е со тони морков и млад компир. Тоа беше причина земјоделците наместо мотика во рака, преку ноќ да земат сачмарки и се обидат да се одбранат од нутриите.
Дежураме од кога ќе се стемни, од кај седумте - осумте до кај единаесет, после мораме да си одиме не можеме цела ноќ да бидеме тука. Доаѓаме наутро пред да се зазори. И нешто ако најдеме пукаме, тепаме. Наместо да работиме по градините, ние мораме и навечер да дежураме. Не можеме по цела ноќ, оти потоа утре не можеме да работиме. И тогаш кога сме отсутни се јаде најповеќе младиот морков. Некаде има и млад компир изедено – вели Ѕвонко Караколев, земјоделец во месноста Речани.
Таа е на удар на наездата на глодачот нутрија. Ѕвонко го покажува капиталецот нутрија кој го застрелал вчера утро. Тежок околу 10 кг. со развиени предни заби. Петнаесетина земјоделци кои имаат површини покрај реката Вардар се на удар на ова животно. Животинчето излегувало штом ќе се стемни, работело ноќе. Наутро си заминувале. Некој од земјоделците кои ги имаат видено на блискиот остров на реката Вардар и тврдат дека ги има повеќе од стотина. Тие се уплашени за својот опстанок, оти родот кој сега треба да го продадат, преку ноќ им исчезнува.
Работевме од есента и сега кота треба младиот компир, младиот морков да го продаваме, останавме без него. Штетата е повеќе од 10-тина тони кај сите нас. А не знаеме што да правиме, дали некој може да помогне. Не може вака да се остави, глодачите да царуваат – велат велешките градинари. Стручњаците објаснуваат дека нутриите се доселени до соседна Грција, откако пребегнале од тамошна фарма. И лошата вест е дека спас од нив нема. Добрата е дека крзното се продава и има цена.
Станува збор за нутрии, кои од пред неколку години се доселија во Македонија. Ги имало на фарми на Северна Грција од каде некои примероци избегале и живеалиште нашле покрај реката Вардар. Тоа им одговара како природна средина. Брзо се размножуваат. Знам дека ги има во близина на Неготино и кај Дојран. Еве сега се населиле и во велешко. Спаѓаат во фамилијата глодачи. Нема никаков начин да се уништат или заштитат. Тоа е нивниот начин на живот и исхрана – објасни проф. д-р Владимир Малетиќ од Шумарскиот факултет од Скопје.
Tweet |