Петар Печков
Објавено: понеделник, 30 септември 2013
Осум дена од неговиот годишен одмор Џејмс Вајсман, професор од Универзитетот Бостон и долгогодишен истражувач на Стоби, ги мина во овој археолошки локалитет. Тој не ги крие пофалните зборови за вредноста на Стоби во Европски и светски рамки. Вајсман заедно со археологот Блага Алексова во седумдесеттите години на минатиот век започнале засилено и организирано истражување на овој стар римски град, кој дотогаш бил заборавен и уште под земја.
Прекрасно е да се биде повторно во Стоби, кој е еден од извонредните археолошки локалитети во светот. Луѓето треба да дојдат и да го посетат, да го видат и почувствуваат животот кој тука бил присутен пред милениуми. Кога дојдов во 1970-тата тука немаше ограда, се беше отворено, ние ја поставивме за да го заштитиме просторот и откритијата. Тогаш се започна со ископувањата. Од ова што можам да го видам многу е направено оттогаш и многу ми е мило што сум тука – вели Вајсман кој е и почесен член на МАНУ, прв американец кој ја доби оваа титула.
Тој единаесет години заедно со археологот Алексова го истражувал Стоби. Негово најзначајно откритие претставува баптистериумот покрај базиликата на епископот Филип од петти век. За професор Вајсман Стоби е локација со која треба да се гордееме, поради нејзината културна и историска вредност.
Подните мозаици на Стоби се нешто што го нема на друго место, бидејќи на така мала површина има толку многу. Ископувањата покажаа дека има голема површина со нив и тие се со висока уметничка вредност. Во Европа нема толку многу мозаици на вака мала површина како овде. Потоа Синагогата има најдолга историја од било која друга во Европа и многу луѓе сакаат да дојдат да ја видат. Има многу светилишта, цркви преку кој може да се види животот во градот и особено е важно за да се разбере тогашното општество. Има многу нешта што се овде единствени и се добро сочувани. Треба затоа да ги популаризирате. Стоби има многу работи оти во Средниот век и во текот на Втората Светска војна не бил пребаруван или уништуван. Кај него останало како што е – вели Вајсман.
Се присетува дека при неговата работа ископани се остатоци од сите периоди постоењето на Стоби. Тоа бил мал град од доцниот четврти век пред нашата ера. Подоцна тој прераснува во голема заедница особено во времето на римскиот император Август и продолжува да се развива како урбан центар до доцниот шести век по нашата ера.
Имало одредени прекини кои се случувале поради инвазијата на Готите, имало тешки времиња со поплави и слични временски непогоди кои ги принудиле жителите на Стоби да изградат нови градски ѕидини, намалувајќи ја површината на градот за околу една третина. Вајсман во Стоби престојуваше со сопругата, но и покрај годините со голем интерес се движеше низ локалитетот за да види што има ново, што е сработено и ново откриено.
Можеше да ги види 180-те квадратни метри конзервирани мозаици од епископската базилика, скулптурата на Изида и огромен мермерен Кантарос од крстилницата на епископската базилика, изработен од мермер како и Пантенон во Атина. Го виде и храмот на египетската божица Изида, откриен пред неколку години, што кај стручњаците предизвика чудење оти во Стоби е старо римскиот локалитет. Вајсман беше сведок и на работите на амфитеатрот, каде се открива неговиот раскош.
Tweet |