речник контакт

Планинарскиот дом ,,Бреза,, се распаѓа запустен и заборавен

Има ли надеж дека домот ќе заживее?

Петар Печков

На само дваесетина километри  и половина час возење од Велес на падините од планината Бреза се наоѓа истоимениот планинарски дом.  Заборавен и оставен сам, тој е уништен и се распаѓа. Некогашната слика, кога тука доаѓаа планинари и гости од цел Балкан е дамнешно минато, кое се случувало до преодот меѓу двата века, до 2000-тата година. Сега наместо дом за планинари е коњушница, на кој се видливи и трагите од куршуми, наследство од конфликтот во 2001-та.

Во овој дом  доаѓаа гости  не само од Македонија, туку и од Балканот. Тој  имаше 50-тина кревети, постојано домар и беше омилено одморалиште за велешани оти е  на само половина час возење со автомобил. Проблемите околу домот започнаа по воениот конфликт 2001-тата кога  во овој предел  имало пукања, па домот наеднаш стана непопуларен, немаше кој да го чува и посетува. Така дванаесет години сега е пуст и се уништува – вели Јове Митушевски од селото Раштани, кој како ловџија и планинар често наминува на овие предели. 

Но по секое доаѓање  заминува разочаран, оти од ден на ден состојбата до објектот е се полоша. Како деновите минувале, така инвентарот со годините  во ПД ,,Бреза,,  исчезнувал. Со заминувањето на луѓето од овој дел на планината, таа е опустошена, дрвокрадците царуваат и просторот пред домот го оголеле, па наместо буки  за сенка има само корења од дрвјата и големи ливади.  Откако пред пет години, од тогашното невреме  кровот на зградата летна,  состојбата  со внатрешноста е очајна.

Се гледа дека тука, внатре во домот се чуваат коњи. Зимава ги нема, но има траги од сено и измет. Ете до каде дојде ,,Бреза,, наместо луѓе, во него стока да престојува, жална е оваа слика. Ако пред педесет години луѓето самоиницијативно  го граделе, носеле од блиското село `Рлевци со запреги материјал,  сега тоа така лесно се брише. Кога нема стопан, тогаш сите се сајбии  – вели Кочо  Наков планинар.

Погледот од планинарскиот дом кој е на 1.200 метри надморска височина восхитува. Се гледа и Бугарија и Србија, аеродромот Петровец, Овче Поле, скопско Арачиново, рафинеријата Окта, велешки Извор, Лозово, дел од Велес, езерото Младост, глетка што не остава никого рамнодушен. Идилична слика нарушена со грдотијата на домот кој е безмалку уништен, но не и надежта дека тој може да заживее. Група ентузијасти сметаат дека може да се врати животот во овој објект.

Не е големо вложување домот да се реновира. Ние како група ентузијасти и љубители на планината  правиме  проект за  негова обнова. И така е без стопан,  не значи дека не може да се поправи. Има вода, струја, земјен пат кој води до него, потребна е само желба. Ова место е одлично велешките деца да го минат викендот, или летно време кога  во градот  пеколно жешко е  со високи температури тука е свежо и прекрасно за одмор – објаснува Никола Саздов.

Колку домот бил популарен зборува и последниот графит напишат на ѕидовите, кога во 2000-тата година тука се одржал младински еколошки камп  за волонтери со гости од цел Балкан, организиран од ЕД ,,Вила Зора,,. Тоа е последниот голем собир што се одржал тука, но група велешани вљубеници на ПД Бреза оптимистички започнуваат да се борат, домот пак да заживее, во интерес на  планинарите и велешани.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »