речник контакт

Украсната керамика на велешките мајстори Левкови, ги краси европските куќи

И по еден век откако биле произведени украсните предмети се уште се наоѓаат во Дрезден, Виена, Будимпешта

Петар Печков

Украсите делови  за фасади на велешката фабрика на Левкови ги красат европските згради. И по еден век откако тие биле произведени се уште се наоѓаат во Дрезден, Виена, Будимпешта. Богатата документација на ова велешко семејство го потврдува фактот, со кој тие  се гордеат. Колку биле вредни нивните производи сведочат и медалите што ги освојувале на меѓународните саеми.  Во Велес овие украси и денес  можат да се видат на куќите на Ѓоргови и Шукарови, во центарот на градот. А во музејот ја има украсната керамика, која има стаж од еден век и повеќе.

Мојот прадедо Тодор Левков, некаде  при крајот на 19-тиот век,  прв почнал  во поширокото окружување, да се бави со поголем обем и тоа  со уметничка грнчарија, фигури, орнаменти, украсни  делови  за фасади. Дедо ми Александар кој студирал во Дрезден нашол пазар  за нивните производи. Така пазарот се проширил низ  Балканот и Европа. И производите на Левкови ги красат куќите на многу големи градови од Европа - вели  Виктор Левков наследник, внук  на Александар Левков. 

Нивното семејство е стара грнчарска велешка  фамилија, која според раскажувањата пет века се бавела со оваа работа, толку е стара традицијата а започнала во селото Бањица. Овој занает се пренесувал од колено на колено. Секој се надградувал, внесувал нешто ново, интересно, впечатилово.  Три нивни украсни предмети се наоѓаат и во турските царски музеи.

Кога турскиот султан  Мехмед Рашид  се враќал  со воз 1912   од Косово, минал низ Велес. Бидејќи сме имале дуќан  на Железничка станица,  таму дедо ми Александар му подарил една фигура. Тој толку се воодушевил кога ја видел, што подоцна од Истанбул испратил лири како награда. На ова дедо испрати две нови фигури за султанот. Според кажувањата на музејските работници од Скопје, тие три фигури се наоѓаат, го красат   музејот  во Топ капи,  со посвета дека се од Левкови  од Ќупрули, старото турско име за Велес,  за турскиот султан – објаснува Виктор.

Тој името го добил по неговата баба Викторија која потекнува од исто така познатото велешко семејство Ѓоргови, трговци и винари.   Неговата прабаба Марија, сопругата на Тодор кој започнал да се бави со украсна керамика е со потекло од исто така големо велешко семејство Органџиеви кои тогаш имале шарлаганџилница, подоцна фабриката за масло. За изработките  од фабриката за украсна керамика Левкови биле наградувани. Учествувале на семи во Љубљана, Нови Сад а златна медала освоиле 1928-та во Солун.

Во периодот 1928/29/30 Левкови освоиле три златни медали на три меѓународни саеми, меѓу нив и во Солун.  Тие во 1937-та започнале да произведуваат керамички цевки  за канализација и тогаш е изградена фабриката Вила Зора. Германска фирма го градела оџакот од кој денес е останат дел, останатото е срушено од безбедносни причини. Имало педесет  вработени кои земале плата навреме, никогаш не се доцнело. Поштено и домаќински се  работело. Истата е национализирана 1945-тата, кога завршува приказната за семејството Левкови како производители – додава Виктор.

Плацот и оџакот како дел со денационализацијата на семејството Левкови им е вратено 2001-та, но засега тоа останува така, без некоја конкретна реализација.  Но не им е земена само фабриката, туку и дел од имотот оти во 1948-та при претрес дома  биле пронајдени ситни  делови од машини, градежен материјал, кои ги чувале  во подрум. Тогашните власти ги осудиле поради  прикривање на имот  а заради богатење и материјална корист.

Но Александар Левков  не бил само производител на керамика, тој бил и трговец. Од богатата документација може да се види дека тој, за  Македонија увезувал од Париз билјард маси кои потоа се продавале во Солун, продавал правосмукалки  по понуда добиена  од американска фирма, сода вода машини од Виена. 

  Дедо ми имал комисион, агентура и книжарница. Издавал поштенска дописни  картички со слики од Велес. Имаме богата колекција фотографии  градот  во периодот 1910-1940-та. Тој дури и осигурувал имот и лица, и тоа го работел. Се занимавал со трговија со цел Балкан а имал релации и со Виена, Будимпешта, Париз, Женева, за што сведочи богатата преписка која е во наша сопственост. Како добар и познат  трговец бил застапник на многу фирми – вели Левков.

Во документацијата може да се види дека се до летото 1913 целата преписка била адресирана на Алексаднар Левков, Ќупурли Македонија, за по Букурешкиот договор, од септември во документите  стои  Србија. 

Левкови имале голем магацински простор во близина на Железничката станица и целата роба од фабриката до таму се носела со магариња, кои назад  до Вила Зора да не одат празни носеле дрва за огрев, кои  го добивале по воз, исто  како робата која се товарале на железница. Така кај велешани останала изреката ,,како на Левкови магарињата, никогаш празни носат или ќумци или дрва,,. 

Александар Левков творецот на уметничка керамика живеел без малку сто години од 1882 до 1981 година. Неговата дејност ја продолжил најстариот син Благој Левков кој сега живее во Германија а работел со керамика, шамотни цигли и огноотпорни материјали. Останатите два сина Левко останал во Велес бил професор додека најмладиот Љубомир заминал во Загреб каде и сега живее.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »