Петар Печков
Објавено: четврток, 25 февруари 2010
Деградирани, деформирани, навалени стебла и гранки, трулење во стеблата се основни карактеристики на голем дел од дрвјата кои наместо функција на сенка и естетика, ја менуваат целата содржина на паркот, со што тој изгледа неуредно и запуштено Повеќето од дрвјата се засадени уште во 1952-53 година. Последните временски случувања со поројни врнежи и ветрови допринесуваат состојбата да се влоши. За само еден месец во паркот од корен беа паднати две големи листопадни дрвја, од кои една топола уништи дел од оградата на новото помошно фудбалско игралиште.
Заради сите негативни карактеристики истите претставуваат огромна опасност за посетителите, случајните минувачи и вработените во објектите во непосредна близина на паркот. Потребна е итна интервенција за отстранување на 46 деформирани, деградирани и опасни дрвја во Градскиот парк. Отстранувањето ќе се врши етапно до почетокот на летниот период, започнувајки од најопасните дрвја кои се закана по околината. По сечењето, просторот ќе се расчисти, обнови и ќе се засади соодветно зеленило од страна на ЈКП Дервен.
Сечењето ќе биде извршено од страна на лице со кое општината има склучено договор за сечење на деградирани дрвја со средства од Буџетот на Општина Велес. За оваа активност ќе се потрошат 87.400 денари. Пресечената дрвна маса ќе се транспортира од страна на ЈКП "Дервен" до магацинските простории и ќе се користи за потребите на ЈКП за огревно дрво, како и за граѓани кои се во тешка материјална положба, а кои ќе поднесат барање до општината.
Невладините организации од Велес, ЕД ,,Вила Зора,, и ЕГ ,,Зелена сила,, не се противат на сечењето на овие дрвја, доколку тие навистина се опасност по околината и на нивно место се засадат нови садници.
Tweet |