речник контакт

Велес има многу пекари, ама само една фурна и тоа стара 120 години

Фурната ,,Кај Саздо,, е најстарата и единствена во Велес, со традиција од 120 години

Петар Печков

Фурната ,,Кај   Саздо,, е најстарата и единствена во Велес. Градот има многу пекари но само една е фурна, каде се задржа  старинскиот начин на печење на леб,  на оган од дрва.  Семејната традиција долга 120 години ја продолжува најмладиот член на семејството Атанасов, Пепи. Тој cе реши да  го продолжи занаетот на дедо си Петре и во семејната куќа натаму да  ce меси, пече и продава леб.

Оваа работа е семејна традиција која е долга 120 години, ја започнал дедо ми Петре ја продолжил татко ми Саздо и сега таа е во мои раце. Таа е на истата локација, во истата куќа, во истата фурна,  каде започнал да работи дедо. Работиме на старински начин, со рачно месење на брашното, печење во фурна која работи на дрва – вели Пепи Атанасов кој иако има 32 години веќе има повеќегодишен стаж во подготовката на домашниот леб.

Тој има завршено земјоделски факултет и по долги години неуспешно барање на работа, се решил да ја продолжи семејната традиција, да го одмори таткото Саздо. Има помлад брат кој не можејќи да најде работа во Велес, во Македонија, сега работи на брод, како и дел од неговите сограѓани. Но за разлика од другарите Пепи, има друг ритам на животот.

Мојот работен ден започнува во два часот по полноќ и работам се додека на се продаде лебот, до  кај 10 часот. Дневно вадам по 80 парчиња леб и сите се трошат, ретко се случува да остане нешто непродадено. Работам секој ден, сите 364 дена во годината. Единствено одмарам на први јануари, тогаш и за мене е Нова година. Има за една скромна живеачка, на за некој луксуз, но знам дека се што ќе сработам е за мене, Можам д се пофалам дека ова е единствената фурна во поширокиот велешки регион – објаснува Пепи.

Поради работните обврски тој не пие алкохол, оти навечер треба рано да легне за да може да стане по полноќ, помалку излегување во вечерните часови. Има сосема поинаков ритам на живеење од неговите другари. Но се обидува тоа да го надополни преку ден.  Колку  лебот од  оваа фурна  е популарен зборува и тоа што во овој дел на Велес, блиску до Градскиот пазар, доаѓаат да купувачи од подалечните места на градот Мегдан, Којник, Нова Населба .

Без оглед на моите обврски, доаѓам редовно да го купам овој леб, кој ме асоцира на  домашниот, како што нашите баби знаеја да го печат. Го сакаат и децата, сопругата, така што редовно доаѓам да си купам иако живеам  во центарот на Велес. Има стандарден квалитет и мириса на леб – вели Мики Лајлушев, редовен купувач.

Бидејќи фурната е близу до црквата Св. Богородица, во опеаното Влашко маало и на пат кон храмот Св. Спас, во време на верските празници  пред неа има редици за леб. Тогаш и Пепи вади поголемо количество, заради поголемата побарувачка. Во тие денови се продава и побргу, бидејќи велешани  сакаат да се снабдат со квалитетен домашен леб. Освен леб за верските празници Прочка и Велигден пече и баклава. Неговиот татко се сеќава кога тука се печеле и пити, домашни ручеци.

Одамна тука печевме и пити пастрмалии по порачка, јадења, турлитави, полнети пиперки и што уште не. Сега е потешко. Фурната специјално треба да се пали за напладне да се испечат овие јадења и скапо им доаѓа на луѓето. Фурнава е од турско, од  1890-та година имаме за тоа документи. Во лебот не ставаме адитиви, никакви додатоци. Тој е баш по стар рецепти од нашите баби и затоа велешани го сакаат -  вели Саздо Атанасов. Тие ја задржале и ја продолжуваат традицијата на старите велешки фурни, од кои сега остана само оваа, на Атанасови, кај  познатата Читкушева чешма.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »