Петар Печков
Објавено: петок, 23 мај 2014
Секоја пролет велешани се судруваат со ист проблем. Сакаат да рекреираат, да возат велосипед ама немаат безбедна, сигурна и обележана патека. Илјадници велешани од сите возрасти со доаѓањето на убавото време се по градските улици, ги користат како патека за возење.
Некои до вливот на реката Бабуна во Вардар, други до езерото Младост. Но тие не се чувствуваат безбедни, рекреираат за подобро здравје ама мора да внимаваат на животот. Искуствата кои ги собрале додека возеле изминатите години, им дават за право да побараат изградба на велосипедска патека
Со години се ветува велосипедска патека во Велес, но ништо од тоа. Се користат градските сообраќајници или регионалните патишта..Многу велешани го користат велосипедот како рекреативно средство во овој период од годината. Мораме да возиме крајно внимателно оти сме на коловозна лента. Посебно е опасно за мали деца кои исто така возат и рекреираат. Добро е што досега се нема случено нешто лош. Редно време е конечно Велес да добие велосипедска патека – велат велешани кои со доаѓањето на убавото пролетно време, на овој начин одржуваат кондиција.
И додека велосипедот се популаризра во училиштата како алтернативно превозно средство, кое освен економичноста нуди за велешки услови идеален превоз поради конфигурацијата на теренот, дотогаш во градот нема велосипедска патека.
Велосипедот е најекономичното, најздравото и најеколошкото превозно средство и затоа многумина велешани го управуваат. Време е Велес да добие велосипедска патека. Така ова превозно средство ќе може да го користат и младите и старите, но и да биде безбедно по нив. Ние постојано укажуваме дека таа е потребна на градот, оти возењето во Велес и околината е не безбедно – вели Ненад Коциќ претседател на ЕД Вила Зора.
Иако имаше повеќе најави со години наназад дека Велес ќе добие велосипедска патека, досега тоа не се случи. И додека лани се нудеше едно решение, годинава се нуди друго. Локалната власт најавува дека ќе се зафати со решавање на ова барање на голем број велешани, но нема рок кога ќе започнат работите и кога ќе завршат.
Потребно било сообраќајно решение и согласност од надлежните институции. Се планира патеката да се протега до езеро Младост, по должината на постојниот регионален патен правец.
Треба прво да се добие согласност за поместување на банкините и проширување на патот од двете страни по метар или два и на тој дел да возат само велосипедистите. Ние како општина сме подготвени тоа да го реализираме – вели Славчо Чадиев градоначалник на општина Велес.
Се одлучиле за делницата кон езерото Младост оти била најпогодна за реализација на ваков проект и најлесно можел да се изведе. Бидејќи кон вливот на реката Бабуна нема простор каде регионалниот пат може да се проширува, додека кон езерото имало мегдан за прширување.
Tweet |