Петар Печков
Објавено: петок, 15 март 2013
Станарите од улица Благој Ѓорев од Велес со апел за ред во работата на дел од угостителите спроти Гимназијата. Гласна музика, узурпирани јавни површини, непочитување на работно време, ова се поплаките кои се повторуваат секоја година. Жителите од овој дел нa градот, каде е узурпирано јавното зеленило, за оваа незаконска пракса испатија писмо до локалната самоуправа.
Бараат да се ослободат окупираните зелени површини, кои сопствениците а кафетериите ги узурпирале, иако за тоа немаат дозвола и не плаќаат никакви давачки. Бараат итно да се изврши инспекциски надзор и нелегално освоениот простор да се зазелени со трева.
Дел од сопствениците на кафе баровите, надвор од сите законски прописи ги узурпираа пешачките патеки. Немаме пристап до нашите влезови. Други пак ги присвоија слободните зелени површини и на нив поставија маси и столови, теписони. На овој начин сме спречени во слободното движење до нашите домови а спречени се и ЈКП Дервен да го засадат просторот со дрвја и зеленило во оваа тековна пролетна акција – велат станарите во петицијата доставена до Општина Велес.
Посочуваат дека проблемот не е од вчера, туку се повторува со години, се позасилено и почесто. Но никој не сака да воведе ред, креваат раце, се прогласуваат за ненадлежни, а станарите кои живеат во овој дел немаат мирен сон. Гласна музика, работа до доцна навечер тоа е секојдневието на станарите.
Колку пати се имаме јавено да реагираме поради гласната музика, но ништо не помага. Пред да дојде полицијата тие ќе ја намалат. Има мали деца, има вработени кои стануваат рано наутро. Но мирен сон нема за никого. До каде стигна нивното непочитување, зборува што зелените површи кои ги засадивме со цвеќиња ги уништија. Ги исекоа и маслинките стари по 20 и кусур години, кои ги засадивме кога се вселивме во становите. Им пречеа, оти немаше да можат маси да постават и ги пресекоа, а ниту една инспекција не реагираше – велат станарите.
Од Општина Велес, одделение за урбнанизам изјавија дека ниту една кафетерија нема добиено дозвола да поставува урбана опрема, маси и столови на земјените површини и дека надлежната инспекција може да ги санкционира овие незаконски работи а ЈКП Дервен да го зазелени освоениот простор.
Од ЈКП Дервен пак информираа дека ,, Согласно Програмата за нови зелени површини за 2013 година, работат на обнова на постојните зелени површини долж десната страна на улицата Благој Ѓорев. Просторот каде моментално кафулињата имаат поставено угостителска опрема ,масички и столчиња, не е во надлежност на ЈКП Дервен и не е во склоп на Програмата за обнова на зелени површини,,.
И СВР Велес потврдува дека граѓаните мака мачат со угостителските објекти во градот. Во годишниот извештај на велешката полиција за минатата 2012-та година нотирани се два сериозни проблеми, кои ги тиштат велешани, пуштање гласна музика и работење надвор од законски пропишаното за угостителите. Овие проблеми се јавуваат поради прекувремената работа на угостителите и консумирање на алкохолни пијалаци од страна на гостите. Лани најмногу поплаки од граѓаните, полицијата регистрирала поради работењето подолго од законски предвиденото време и реметење на ЈРМ со гласна музика од страна на угостителските објекти.
Tweet |