речник контакт

Манастирската слава на Св. Димитрија празник за сите велешани

Источен петок Балаклија велешани ги поврзува со векови

Петар Печков

Секој прв петок, после Велигден кога илјадници велешани го посетуваат, повторно оживува манастирот Св. Димитрија. Овој ден во православниот календар запишан како Источен петок - Балаклија е патрон  на манастирот, ден кога се чествуваат светите води. Тоа е повод два дена, четврток попладне и петок  претпладне многу народ да дојде и запали свеќа за здравје во овој храм. Манастирот е стар повеќе векови.

Имам седумдесет години идам од кога паметам за себе и ќе доаѓам се додека ме служи здравјето. Ова е голем празник за велешани, за храмот, за сите нас. Оставам аманет младите да го чуваат и негуваат, бидејќи верата го одржала овој народ со векови - вели Марика Димова, која заедно со нејзините сосетки пешачеле многу пат ,  повеќе од  два километри за да стигне до храмот.

Но сите тие не се жалат на изоденото, бидејќи им било задоволство да се сретнат тука со пријателки со кои одамна не се виделе. Овде доаѓа и старо и младо, и православни и муслимани, овој ден ги собира  сите велешани кои доаѓаат  тука  и од други градови во Македонија. Не ја пропуштаат можноста да запалат свеќа за здравје.  Славата на  манастирот Св. Димитрија за велешани   и за црквата  има посебно значење .

Радосно е кога цел град е собран тука и оддава почит на мајката божја, се поклонува и  бара светлината на воскреснатиот Христос да влезе во срцата на секој од нас. Градот на Гемиџиите и Рацин, кој во душата ја носи Македонија знае да почитува и тоа е убаво – вели  Владиката Агатангел, Митрополит на Повардарската Епархија. 

Источен петок Балаклија е верски празник посветен на „животодавниот извор“ или изворот што живот дава чија сила ја почувствувале не само христијаните туку и други верници. Затоа тука многумина доаѓаат со надеж за спас и верба дека лошите сили ќе бидат истерани.

Манастирот има интересна историја, бидејќи пет века бил затрупан под земја, за да биде сочуван од османлиите.  Во 1820 откако на сон му се јавил на еден воденичар, Петар Здравев повторно ја догледува  светлината на денот. Затоа велешани со гордост и љубоморно ја чуваат оваа традиција, масовно го посетуваат манастирот.   Но освен него преполни со посетители и верници овие два дена се и неколкуте црквички и параклиси, изградени тука на стрмните карпи Св. Никола, Св. Недела, Св. Петка, Св. Јован.  Околу 500 оброка, четвртокот за вечера - јанија и петокот за ручек - чкето, традиционално  се поделија во конаците на манастирот.

Освен што ќе го посетат храмот, верниците тука ќе се видат и со познати со кои одамна не се дружеле. Источен Петок Балаклија се празнува  поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус и на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите. Водени од ваквото верување, многумина доаѓаат во месноста Црн камен, која е во близина на манастирот Св. Димитрија. Тоа е вакавско место, каде има водопад висок дваесетина метри.

Верувањето е дека треба да се мине под него три пати и ако водата го намокри човек, желбата се исполнува. Ако пак водата бега од посетителот при минувањето, тој бил многу грешен. На ова место доаѓаат и бројни посетители од цела Македонија, кои  слушнале за исцелителната моќ на водата и се надеваат дека и тие  ќе добијат рожба. Многумина  се вратиле следната година, за да потврдат дека ова е вистина и дека тие добиле деца,  а чудото се случило откако  минале под водата. На ова место се доаѓа  се до Спасовден.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »