Петар Печков
Објавено: четврток, 05 септември 2013
Прилепската фирма ,,Миротеч,, бара да ја рестартира велешката фабрика за цигли и керамиди ,,Киро Ќучук,,. Ова нивно барање тие го доставија на Собранието на доверители и ги изненадија бројните присутни со оваа понуда во последен час. Тие го доставиле во понеделникот, на еден лист хартија. Нејзиниот управител во преполната судница даде дополнителни информации.
Не сакаме во Велес, како и во други градови во Македонија да има рушевини, кои стојат како споменици на едно време. Планираме со кредитни линии, да рестартираме дел од погоните. За почеток би вработиле до 40 работника – изјави Ѕвонко Николоски управител на Микротеч од Прилеп.
Таа е доверител во АД Киро Ќучук со скромни 350 илјади денари или 0,06 отсто од вкупните побарувања. По ова негово обраќање државните доверители реагираа и побараа целосна информација за фирмата, нејзиниот бонитет, нејзината сериозност, што таа работи и произведува. Затоа дадоа рок од осум дена да ги испрати дополнителните побарани информации, по што Собранието на доверители ќе продолжи. Тогаш ќе се одлучи каква иднина ќе има еден од најголемите некогашни производители на тули не само во Македонија туку и во некогашна Југославија.
На ова Собрание на доверители беше презентирана и состојбата на фабриката која на 7 февруари отиде во стечај, по барање на УЈП. Таа со побарување од 361 милион денари е најголем доверител со 60 отсто од вкупната маса од 600 милиони денари. Меѓу поголемите се и Фондот на ПИОМ со 105 милиони, Фондот на здравство 23 милиони и фабриката Еленица од Струмица со 27 милиони денари. Меѓу доверителите се и Општина Велес со 3,4 милиони и ЈКП Дервен со 4,7 милиони денари. Објавувањето на оваа листа предизвика револт кај дел до доверителите.
Како е можно и зошто УЈП дозволи Киро Ќучук да и должи толку пари на државата. И толку години да с е толерира да не се плаќаат давачките кон Буџетот. Таа го толерираше нелегалното работење на фабриката – рече Љупчо Јордановски сопственик на Центар Б и Ј од Прилеп.
Но освен овие признаени долгови во кругот на фабриката, при доаѓањето на стечајниот управник, нема околу 1,2 милиони цигли кои од страна на неколку доверители биле запленети како заложна роба за осигурување на наплатата на долговите кон Киро Ќучук. Еден до доверителите -поранешни вработени праша како е можно државата да дозволи АД Киро Ќучук да работи со сметка на друга фирма а тие иако имале правосилни пресуди за заостанатите плати со години, не можеле да ги добијат.
Други пак од работниците посочија дека во извештајот не ги слушнаа становите на фабриката во Охрид, камповите во Елешец, скапата машина за цигли. Стечајниот управник им објасни дека тие имотот го добиле од Централниот регистар и најверојатно имотот за кој тие зборуваат е продаден пред отворањето на стечајот. Тој додаде дека фабриката има актива од 564 милиони денари.
Се што таа има е во книговодствена форма. Само мал дел од градежните хали и од земјиштето од 22 илјади м2 од 600 илјади вкупна површина се во сопственост на фабриката. Останатото е с ставено по хипотека или некој има заложно право на од имотот. До ваквата состојба се дошло поради неплаќање на доверителите и фабриката работела на нивен товар, се задолжувале повеќе од платежната способност, подолго време биле неликвидна, неколку години работеле со загуба, се плаќало готовински и се работело без план за работа – рече Ацо Петров стечаен управник на АД Киро Ќучук.
Во моментот кога фабриката отишла во стечај имала 53 вработени наспроти нејзините најмоќни времиња кога таму беа ангажирани и до илјада работници. Тие се и најголемиот дел од 380-те доверители, но со најмали побарувања.
Tweet |