речник контакт

Се санира кровот на Спомен Костурницата во Велес

Во тек е првата фаза, втората за конечна санација напролет

Петар Печков

Се санира кровот на Спомен Костурницата во Велес. Тоа е прва фаза од поправката на кровната конструкција, оти истата прокиснува и го оштетува мозаикот во внатрешноста на објектот. Тој е дело на Петар Мазев и е најголем во земјава со 220 м2.  Во првата фаза се работеше десетина дена, колку што време беше потребно да се извршат потребните  заштитни мерки. 

Во оваа фаза од работата ги стопираме продорите на вода во кровот. За да нема дилеми,  работиме во овој период од годинава  кој е идеален  за оваа активност,  потребно е поладно време со пониски температури. Инјектирањето се врши со посебен специфичен материјал за да продолжиме напролет со втората фаза, со пресвелка на хидро изолациски материјал преку целата купола. За оваа работа потребно е потопло време и затоа ќе го работиме од април – изјави Сашо Варсамовски од фирмата Синтекс.

Тие ја изведуваат оваа работа преку Националниот  конзерваториски центар од Скопје а е финансирана од Министерството за култура.  Санацијата се врши на површина од 900 м2. Водата која преку мали, ситни отвори преку годините влегувала во кровот, од зимата и ниските температури го разјадувала материјалот, доаѓало до  оштетување и до создавање на поголеми процепи.

Преку нив водата навлегла  и го оштетила кровот на Спомен Костурницата а со тоа е загрозен и големиот мозаик на Мазев. Тој претставува една композиција од 5 слики преку кои авторот ја прикажува македонската епопеја од турското ропство, преку Илинденското востание, Балканските војни па се до НОБ. Мозаикот е направен од природен и вештачки камен од венецијанска паста, во повеќе бои.

Затоа во првата фаза се работи да се внесе материјал кој ќе ја сопре водата ова зимо да го уништува споменикот а напролет ќе се прекрие со хидро изолација за целосна заштита.   Тогаш треба и локалната власт да го осветли објектот, кој со години е во темнина, како и да  се инсталира видео опрема за заштита од крадци. Исто така и да се уреди хортикултурно.

Состојбата со кровот на објектот беше алармантна.  Дојдовме во ситуација да се згрози мозаикот, вредно капитално  дело на Петар Мазев, поради прокиснувањето на водата. Со завршувањето на двете фази треба комплетно да се заврши санацијата на кровот со што еден голем проблем ќе биде решен - изјави Марин Клифов раководител на објектот Спомен Костурница.

 Таа е изградена 1979-та година и е дело на авторите   академскиот вајар Љубомир Денковиќ и архитектoт Саво Суботин од Нови Сад- Војводина. Во специјален простор во Костурницата  се чуваат и посмртните останки на 100-ната паднатите борци од НОБ, меѓу нив и на поетот и револуционер Кочо Рацин.   Спомен костурницата беше санирана 2003-тата година за што беа потрошени сто илјади евра,  изведувач  беше Градежниот институт од Скопје. Но не цела година по тоа, кровот  повторно прокисна, иако гаранцијата на изведувачките работи беше две години,  изведувачот по реакциите од Музејот за неквалитетно извршена работа не  интервенираше.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »