Петар Печков
Објавено: сабота, 29 декември 2012
По четврти пат се одржа отворениот ден на турската заедница во Велес. Со презентација и дегустација на традиционални специјалитети, презентација на турската народна носија и настап на турската чалгија со изведба на турски народни песни, се зацврстуваше старото пријателство меѓу Македонците и Турците во Велес.
Ова е традиционална манифестација со која се потврдува пријателството меѓу двата наши народи. Велес е пример за сожителството, никогаш немало делби по верска основа и другите можат да ни позавидат. Ако речам дека подготвивме турски специјалитети ќе згрешам, бидејќи сите јадења кои се подготвени, се јадења на сите заедници во Македонија. Кујната ни е заедничка и таа не зближува. Се разликуваме по подготовката, но јадењето е исто – вели Бесим Ахмедов претседател на хуманитарното здружение н граѓани ,,Јени Хајат,, од Велес.
Јадењата кои ги сретнаа посетителите на манифестацијата а беа уверени дека се македонски турлитава, мусака, кори, јајчаник, полнети пиперки,елбасан тава, јанија, сарма со лозов лист дознаа дека имаат турско потекло.
Подготвив повеќе работи, тавче гравче во земјена тава, похован ролат со мелено и ориз, посно турско благо со гриз, два дена ги печев и спремав. Сакам сите мои сограѓани, кои се дојдени тука да вкусат нешто добро и да посакаат пак да јадат од нив. Ама за десетина минути се изеде, ништо не остана ни солено ни благо. Ние во јадењата ставаме повеќе зачини, кромид, морков, црвен пипер, нане – вели Африе Асанова.
Храната е нишка која ги спојува луѓето од Балканот. Иако за вкусовите не треба да се расправа, поставените преполни софри, бргу беа испразнети. Секој сакаше да проба нешто што досега не вкусил, прашуваа како се подготвува, се бараа рецепти.
Јас подготвив пастрма, вие го викате ѓозлеме, сарма од лозов лист, јадења кои ги подготвувам и дома. Манифестација е потребна на градот, за да можат помладите да се научат на различностите на другите, па макар тоа било и од храната и јадењето. Колку е вкусно видовте и сами, се се изеде - вели Умурзел Јашарова.
На петнаесетината маси имаше и многу благи работи, раванија, шеќерпаре, татлија, кадаиф, баклава, локум. Имаше и гости соседи, пријатели на турската заедница, но и случајни посетители, велешани го поздравија овој настан.
Од медиумите дознав за оваа манифестација, дојдов и не зажалив. Убави и вкусни се подготвените јадења, има и многу сличности меѓу двете кујни - рекоа Славица Спириндова и Магда Николчева, две пријателки кои дојдоа на манифестацијата а заминаа со одлични впечатоци.
На манифестацијата беше прикажан и дел од турскиот фолклор, народните песни, ората и носиите.
Tweet |