Петар Печков
Објавено: четврток, 15 август 2013
Пане Јолдашев – Сипката и покрај петте децении живот и натаму се бави со фудбал. Аматерски но знае да помогне. Тој ланската сезона им помогна на екипите на Борец и Форца Нова да се пласираат во повисок ранг натпревари, Борец во Втората лига а Форца Нова да биде првак на Општинската.
Можеби имам среќна нога, среќна ѕвезда, но факт е дека со клубовите за кои настапував станаа прваци на лигите каде се натпреваруваат. Борец дојде до долго посакуваната Втора лига а Форца Нова беше првак на општинската, но за жал не најде средства па нема да се натпреварува во Трета лига југ. Во Фудбалската федерација има таква можност па играв за две екипи кои се од понизок ранг. Пред три сезони со екипата на Превалец влеговме исто така во Трета лига. Овој ритам не ме замори. Повеќе играв за Форца Нова а кога беше потребно моето знаење и искуство го ставив и за Борец, а каде со младите фудбалери одиграв натпревари кои беа значајни за екипата – вели Пане.
Тој е дете на ФК Борец. Од осмата година другарува со топката и зелениот тревнат терен на Градскиот стадион.
Започнав да тренирам далечната 1970-та и еве имам четири децении и фазла фудбалски стаж ама не мислам да се пензионирам. Годинава ќе играм само за Форца Нова, такви се пропозициите ама ќе го гледам Борец и од срце ќе навивам за него во Втората лига. Овие деца кои се таму имаат квалитет за највисок ранг и тоа од срце им го посакувам – вели Сипката.
Негов прв тренер и човекот кој му го трасирал фудбалскиот пат е Дончо Дечев. Играл фудбал со Зоран Проданов, Кире Костов, во еден дел и со некогашниот селектор Мирсад Јонуз. Игра и натаму на истата позиција во средината, памти многу голови во кариерата, важни кои му донел голема радост и нему и на клубот Борец. На прашањето кога ќе ги закачи копачките на клин одговори кратко ,, додека сум здрав ќе играм,, .
Tweet |