Петар Печков
Објавено: вторник, 09 јули 2013
Три претстави се во конкуренција за награда на годинешниот Фестивал на античка драма ,,Стоби,, кој ќе се одржи од 13 до 20 јули, во античкиот локалитет Стоби. На 12-тата по ред манифестација публиката ќе може да ги види на отворањето е в сабота претставата ,,Лисистрата,, од Аристофан во режија на Кемал Кочатурк на Градскиот театар од Истанбул. Следната претстава е закажана за понеделник 15 јули на Народниот театар од Суботица ,,Жени во народното собрание,, исто така текст на Аристофан а во режија на Никола Завишиќ.
Третата претстава во конкуренција за награда е ,,Евридика,, на Драмски од Скопје работена по текст на Сара Рул а во режија на Нина Николиќ. Затворањето на фестивалот и доделувањето на наградите е на 20-ти јули со претставата ,,Шекспир во приказни,, на Кери Невзати и Турскиот театар од Скопје.
Овој Фестивал е тематски, има јасен профил на претстави кои се прикажуваат и единствен таков во регионот. Уште потешко е да се најде претстава на античка тема. Затоа имаме краток фестивал, со јасна, прецизна програма и содржина. Нудиме продукции кои се интересни и примамливи. Така турскиот театар доаѓа со премиера, која е работена специјално за овој фестивал. Гостите од Суботица се обидуваме две години да ги донесеме и конечно успеавме. Претставите се со голема актерска екипа и гостувањата од Турција и Србија , за разлика од минатите години кога се прикажуваа на Охридско лето, Скопско или Битолско лето, годинава ќе бидат прикажана само во амфитеатарот во Стоби - изјави Зоран Љутков извршни директор на Фестивалот.
Жирито во состав режисерката Нела Витошевиќ, Крсте Џидров сценограф и актерката Зорица Панчиќ ќе одлучува за наградите ,,Афродита,, Гран при за претстава во целост, за режија, за машка и женска улога. Поради работите во археолошкиот локалитет Стоби намален е бројот на гледачи кои ќе можат да ги следат претставите. Цената на влезницата е 50 денари, со тоа што годинава дел од нив се дистрибуираат и продаваат и во Неготино, Кавадарци и Градско.Со три претстави во конкуренција за награда, годинешниот Фестивал е меѓу послабите во понудата на содржините сите изминати 11 години.
Годинава имаме две претстави кои не успеавме да ги донесеме. Пред се ,,Одисеј,, на Поповски а по текст на Стефановски. Претставата е работена како копродукција на Балкански признаените театри Казалиште Улисес Хрватска, Гавела Загреб, Ателје 212 Белград, Словенско Народно гледалишче Марибор, Српско народно позориште Нови Сад и Театар на навигаторот од Скопје. Иако имаше најави нејзин слободен термин е после 15 август. Затоа размислуваме до година Фестивалот да трае подолго, со поголеми паузи помеѓу претставите, за да можеме да донесеме повеќе продукции и театри, кога нив им одговара. Вака имаме ограничен буџет, ограничен термин, ограничен избор на претстави – вели Љутков.
Тој прецизираше три причини поради кои годинава има три претстави во конкуренција за награди на Фестивалот ,,Стоби,, . Малата или никаква продукција во македонските театри на претстави работени по антички текст, потоа ниските средства кои театрите во странство ги добиваат за меѓународна размена и третото е доцното добивање на надлежност како здружение на граѓани за организирање на Фестивалот од општина Велес. Општина Велес фестивалот финансиски го помага со еден милион денари а Министерството за култура со 800 илјади денари. Златен спонзор е Винаријата ,,Стоби,,.
Tweet |