Петар Печков
Објавено: вторник, 11 јануари 2011
Тутунарите од велешко на вториот ден од протестите шест часа, ги блокираа приодите од Штип и Велес кон автопатот во правец на Скопје. Не се задоволни од откупната цена но и од третманот на државните институции. Додека во понеделникот тие протестираа на магистралниот пат Велес – Штип во селото дошле од државниот инспекторат за земјоделие и за неколку часа биле отворени вратите од откупниот центар. Тогаш неколкумина земјоделци го предале родот од тутунот за поволни цени а по заминувањето на инспекциите, се вратила старата слика со ниски откупни цени или затворени врати.
Бараме да дојде Али Ахмети и тој партиципира во Владата. Зошто го нема никаде да ги брани нашите интереси, зошто молчи. Ако мисли дека ние го заборавивме, греши. Има и албански министер за економија Бесими и тој може да влијае на откупната цена. Нека не се кријат бидејќи народот ќе ги казни – велат жителите на велешките села Бузалково, Сливник и Клуковец населени со албанско население. Тие се чудат зошто тутунопроизводителите од Велес молчат, кога во градот ниту еден откупен центар не работел а тутунот за тоа време не се откупува.
Tweet |