Петар Печков
Објавено: среда, 14 септември 2016
Почна судскиот процес за легализацијата на Планинарскиот дом ,,Чеплес, каде обвинет е градоначалникот на Општина Чашка Горанчо Пановски. По неколкуте неуспешни обиди за одржување на рочиште, тоа за прв пат се случи вчера во Основниот суд во Велес. Прашан дали го разбра обвинението и дали се чувствува за виновен, Пановски рече дека е невин.
Разбирам за што се товарам, но јас не се чувствувам за виновен. Работев поред законските прописи – изјави Пановски. Според обвинението тој се гони за кривично дело ,,Злоупотреба на службената должност,,.
Обвинителството низ истражната постапка утврдило дека во временскиот период од 02.09.2011 год. до 30.04.2013 год. во својство на службено лице – Градоначалникот Горанчо Пановски, со искористување на својата службена положба и овластување, прибавил значителна имотна корист за Општина Чашка во вкупен износ од 4.058.566,00 денари, а на штета на оштетеното здружение Планинарско спортски клуб ”Солунска глава”- Велес.
Спротивно на Законот за легализација, иако бесправниот објект имал инфраструктурни приклучоци, но општината не поседувала доказ за тоа, ниту сметки за платени комуналии,како овластено лице – Градоначалник на општина Чашка, приложил Изјава заверена на нотар дека објектот планинарски дом Чеплес е изграден до влегувањето во сила на Законот.
Со собраните и доставени докази, ќе докажеме дека станува збор за незаконски присвојување и продавање на Планинарскиот дом ,,Чеплес,, од страна на обвинетиот, во својство на градоначалник на Општина Чашка. Градбата на овој објект била со доброволни работни акции и со донации, што се случувало во период од неколку децении. Во ниту еден момент Општина Чашка не се јавува како финансиер, ниту како сопственик на домот -изјави обвинителката Гордана Тодорова.
Адвокатот Трајче Тошевски, бранител на обвинетиот објасни дека Пановски постапувал согласно законската регулатива.
Обвинетиот работел во интерес на граѓаните. Тој ги презел сите активности со кој бил задолжен од Владата преку Министерството за транспорт и врски, во постапката за легализација. Во целост, преку службите во Општината се испочитувани сите законски прописи. Нема мотив од лични интереси да се стори делото, нема умисла. Пановски го испочитувал крајниот рок од 3-ти септември 2011-та до кога можеше да се легализира дивоградба – рече Тошевски.
Како сведок беше сослушан Васко Георгиевски претседател на ПСД ,,Чеплес,,. Тој објасни зошто тие не започнале постапка за легализација.
Не преземавме ништо за легализација, оти сите Планинарски домови се во сопственост на Република Македонија. Имаше надлежна Комисија преку Министерството за транспорт и врски, која тераше постапка, не само за нашиот дом туку за вкупно десет вакви домови- рече Георгиевски.
Тој нагласи дека на груб начин и насила, од петмина непознати лица биле истерани од домот. Судењето продолжува со сослушување на сведоци, вработени во локалната самоуправа во Општина Чашка и претставници на Планинарската Федерација на Македонија.
Tweet |