Петар Печков
Објавено: петок, 23 август 2013
За првите осум месеци од годинава бројни млади доктори го напуштија Велес и заминаа за странство. Најчесто нивниот авио-билет од евтините на Виз ер го купуваат за Германија. Бројката која се врти во нивните кругови е дека од градот околу 15 лекари заминале во туѓина, барајќи подобра иднина. Сите се на возраст до 30 години со идентични мотиви, незадоволни од статусот, вреднувањето, напредокот, можност за кариера.
Работев една година како општ доктор во приватна ординација и заработував 250 евра. Со овие пари немам можност да плаќам приватна специјализација. За овие пари што ги добивав, работи и еден полнач на гориво на бензинска или келнер во кафеана. Не сакам да ги деградирам, но сигурно дека работата која ја вршев вреди многу повеќе. За да се вработам во државното здравство или да напредувам во работата, треба да бидам дел од владејачката партија. Јас не сакам да бидам политички определен, моите погледи на животот се поинакви. Затоа мојата докторска кариера во Македонија нема иднина и повеќето млади доктори иднината ја гледаат во странство - вели доктор, велешанец кој со своите 27 години замина за Германија.
Смета дека со неговата работа таму ќе добие и повисока плата но и можност за специјализација и побрз напредок во кариерата. И тоа само врз основа на неговата работа и стручност, не со други квалификации кои немаат допирни точки со здравството. Докторите со кои контактиравме и веќе работат во Германија, објаснуваат дека земаат 10 пати повисоки плати отколку во Македонија.
За жал во Македонија сме третирани како технички персонал, кој е лесно заменлив, потрошна стока. За нас младите доктори е проблем што не можеме да земеме амбуланта под концесија, бидејќи тоа се случило пред 10–тина години. Овие последни неколку години во Германија има недостаток на доктори. Нивните заминуваат во Шведска, Швајцарија, Холандија каде се одлично платени и затоа се јавува недостигот, кој се пополнува меѓу другото и со лекари од Македонија. Во здравствената институција морам да кажам дека одлично не примаат и помагаат. Една работа која ни ја пренесуваат ја повторат и по десетина пати, трпеливи се оти знаат дека со тоа по некое време ќе падне дел од товарот што тие го имаат како обврска во работата – вели д-р Дојчин Станојков, кој од велешко Горно Јаболчиште сега работи во Лајпциг.
Процесот на ангажирање оди преку агенти, кои се најмени од болниците. Прво се полага германски јазик на ниво Б2, потоа се потпишува договор со Болницата па се добива дозвола за обавување дејност. Со неа се бара виза со чие добивање може да се замине и да се почне со работа. Кога доаѓаат во градот каде ќе работат добиваат дозвола за престој. Шест месеци е пробната работа, која здравствената институција може да ја раскине и по три седмици, ако докторот не остави добар впечаток.
Ако ја мине оваа половина година склучува договор за работа на неодредено време. Меѓу докторите кои заминаа за Германија е и Мелина Мемедалиева. Таа беше вработена во амбулантата на нејзиниот татко. Но бидејќи законот не дозволува по пензионирањето на носителот на лиценцата, друг да ја преземе, ординацијата со повеќе од три илјади пациенти се затвори.
Не ни дозволуваат да ги оставиме амбулантите на нашите деца, завршени доктори за да не се создавале фамилијарни империи, тврдат од Министерството. Погледнете ве молам по скопските клиники, во јавното здравство цели династии по три колена со исто презиме. А јас не можам амбулантата, која сум ја создавал со мои средства да му ја оставам на детето- вели велешки доктор.
Поради ова здружението на приватни лекари поднесе иницијатива за измена на законот за здравствена заштита. Во неа бара да се дозволи амбулантите да бидат носители на концесиите, а не како до сега еден од лекарите. Со ова кој и да отиде в пензија ќе го замени друг доктор од истата амбуланта. Приватните доктори од Велес се жалат дека не можат да најдат доктор за да го вработат во амбулантите. Во Агенцијата за вработување не откриваат колкумина чекаат работа и се пријавуваат. Неофицијалната бројка е еден и тоа деновиве пријавен.
Tweet |