речник контакт

Нова сеча на дрвја, нова реакција на велешани

Се сечат стари и деградирани дрвја, објаснуваат од локалната власт

Петар Печков

 На Велес му се случува нова сеча на дрвја, реагираат дел од  граѓаните.  Од Еколошкото Друштво  Вила Зора ја пренесуваат и реакцијата за  сечењето на млади дрвца на повеќе локации низ градот.  Иако според надлежните официјалното се сечеле стари и опасни дрва,   увидот на екологистите на терен покажал дека се исечени повеќе млади стебла, кои никако не се опасност за околината.

Бараме од локалната власт да се сочуваат сите здрави дрвца, затоа што имаат непроценлива улога во заштита на животна средина.  Сечењето на јавно зеленило зема загрижувачки размери – велат од   ЕД Вила Зора.

Посочуваат дека се сече во близина на Младински парк а голема сеча е забележана и по должината на пругата кон Битола.  Екологистите  поради ова  бараат законски да се заштити јавното зеленило и да се спречи самоволието во уништувањето на јавното зеленило на одредени поединци или институции на територијата на  Македонија.  Од Општина Велес по реакциите за сечењето на дрвја одговорија дека   тоа е сторено по препорака на Комисијата за проценка на деградирани дрвја.

Од нивна страна беа посочени 60-тина деградирани но и високо разгранети дрвја кои претставуваат потенцијална опасност од паѓање и предизвикување на несакани последици. Затоа  Општина Велес даде одобрение за нивно сечење и кастрење како би се отстраниле потенцијални штети кои би биле предизвикани во некој иден период. На местото на секое пресечено дрво кое според стандардите за работа било посочено како старо и деградирано, ќе бидат засадени неколку пати повеќе дрвја - објаснуваат од локалната власт. 

Како пример  за посветеноста на општинските власти го посочуваат новоизградениот парк пред училиштето „Васил Главинов” и  ново засадените дрвја таму. За големата сеча на дрвја по должина на пругата од МЖ објаснуваат дека дрвјата се исечени поради тоа што паѓале и го отежнувале сообраќајот.

Безбедноста на железничкиот сообраќај е нарушена. Затоа се презема оваа акција на сечење на дрвја. За неа ги имаме обезбедено сите неопходни документи, и од Македонски шуми и од Шумската полиција, така нема ништо спорно и своеволно – велат од ЈП МЖ. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »