Петар Печков
Објавено: петок, 07 април 2017
Десанка Николова Кузмановска повторно не се појави во Основниот суд во Велес, на главната расправа каде таа е обвинета за кривично дело измама. Ниту во четвртиот обид не започна судењето, оти Николова испрати писмо дека е болна.
Но судот го отфрли бидејќи по извршеното вештачење на претходно добиената медицинска документација, докторот констатирал дека ,,постоечките заболувања не се животно загрозувачки, и таа е здравствено способна да ја следи главната расправа,,.
Обвинителството овој чин на обвинетата го протолкува ,,како уште еден од низата обиди да се избегне појавување на судскиот процес,,. По ова барањето за одлагање поднесено од обвинетата, судијата Шефшет Адеми го отфрли а отсуството на Николова го сметаше за неоправдано.
Идентично помина и барањето на Десанка Николова Кузмановска, јавноста, медиумите да се исклучат од судскиот процес.
Ова откако на претходното рочиште, ТрМр информираше дека Николова не се појавува на судењето приложувајќи документација дека е болна со документи кои се однесуваат на денови кои поминале, но затоа иако болна беше видена присутна на протестите кои се одржуваа во велешките улици за одбрана на унитарна Македонија.
Барањето за исклучување на јавноста судот го отфрли, оти делото за кое таа се товари ,,измама,, не е кривично дело кое се однесува на нејзиниот приватен живот,,.
На ова рочиште, нејзиниот адвокат Трајче Арсов, се повлече откажувајќи го полномоштвото како бранител. По првите две рочишта се откажа и нејзиниот прв адвокат Ангел Шоптрајанов. Новото рочиште е закажано за средината на месец мај.
Според обвинителниот акт Николова прибавила имотна корист од три илјади евра. Во периодот од 7-ми август до 3-ти септември лани, во повеќе наврати ги довела во заблуда оштетените, татко и ќерка, лажно прикажувајќи дека може да го вработи нивниот син, односно брат во МВР на огласот за прием на полицајци, кој бил во тек.
Таа се повикувала на блиски пријателски односи со влијателни луѓе од актуелната власт и МВР, со што ги навела оштетените да и исплатат вкупен паричен износ од 183.500 денари и тоа етапно, како што течеле активностите околу конкурсот за вработување.
Три дена по последната уплата, оштетените телефонски биле информирани од обвинетата дека работата е завршена и заминале во Центарот за обука во Идризово заради потпишување на договорот за вработување. Но таму на големо изненадување им било кажано дека не е организирано потпишување на договори и дека нивниот син, односно брат воопшто не е примен на огласот за обука на полицајци.
Кога била сослушувана во велешкото обвинителство таа се претставила дека е секретарка на заменикот министер за култура, што веднаш беше демантирано од Министерството за култура.
Tweet |