Петар Печков
Објавено: вторник, 15 септември 2015
За блиските на убиениот Бајро Ибрахимовиќ (33 год) од велешко Горно Оризари, обвинетиот соселанец Адис Куртагиќ е сторителот, за други тој е невин. Ова беше кажано на сведочењата во судскиот процес во Основниот суд во Велес. За сестрата на Бајро, Адис е сторителот, додека за чичкото тој не е, но бил присутен кога се случил настанот. Чичкото Вехбо јавно пак изрази сомневање дека обвинетиот го сторил делото, но дека знае кој е сторителот.
Бајро и Жуќо беа толку блиски пријатели, неразделни така што не верувам дека тој го убил внукот. Но бил присутен кога се случило и знае кој е сторителот. Бајро цело попладне се шетал со скопски бел мерцедес низ селото. Цело село знае кој е убиецот, но никој на сака јавно да зборува, ги страв, се плашат - рече Вехбо.
Тој критичната вечер, кога неговиот внук исчезнал бил во болницата Јасеново. Следниот ден кога го барал по телефон, претплатникот повеќе не бил достапен. Додаде дека неговата сопруга попладнето му понудила на Бајро ручек, но тој одбил. Неговиот телефонот постојано ѕвонел и на нејзиното прашање кој го бара одговорил кратко ,,друштвото,,.
Сестрата Ајкуна Симоновска како сведок, се нафрли врз обвинетиот Адис Куртагиќ, при што мораше да реагира и затворската и судската полиција. Сведокот се упати кон обвинителната клупа, но беше спречена од службените лица присутни во судницата. Тие ја сопреа да го нападне најдобриот другар на убиениот, кои биле нераздвојни цел живот.
Жуќо ти го уби брат ми, ќе платиш за ова, крв за крв. Имам врски во Идризово, кога ќе стигнеш таму ќе те стигне казната - луто зборуваше Ајкуна, и од пултот каде се даваат изјави тргна кон обвиениот Адис и кога стигна пред него беше фатена од полицајците.
Таа сведочеше, дека еден ден пред брат и да исчезна, тој и се јавил на телефон и најавил дека ќе дојде кај неа на гости, во околината на Радовиш, каде е мажена. Бајро не дошол а на телефонскиот број кога таа се јавувала, бил недостапен. Сведочеше и соседот, кој последен го видел Бајро попладнето.
Беше убаво облечен, дотеран. Телефонот постојано му ѕвонеше, по што само стана и рече дека заминува оти го бараат. Потоа повеќе не го видов - изјави соседот Сафет Каришиќ.
Според обвинението убиството се случило на 24 март минатата година, во напуштена куќа во близина на Бензинската пумпа на влезот во Велес, во терминот од 21 до 22,15ч. Куртагиќ сурово и безмилосно го застрелал Бајро со еден куршум во тилот, од пиштол со калибар 7,65 мм.. Во џебовите на Ибрахимовиќ биле пронајдени бели медицински ракавици и спреј за онеспособување.
Телото на починатиот беше пронајдено две седмици подоцна, на 11 април, од деца кои собирала полжави во тој предел, откако 25 дена се трагаше по него и се водеше како исчезнат. Полицијата до обвинетиот дошла преку неговите листинзите на разговорите од мобилните апарати со убиениот. Адис го негира делото.
Tweet |