Петар Печков
Објавено: четврток, 22 јануари 2015
Во велешката библиотека беше македонската промоција на најновата книга, збирка поезија на Раде Силјан ,, Отворена книга,,. Книгата е издание на Матица Македонска и е составена од единаесет песни поделени в о три циклуси, кои се дел од една тематска целина.
Во оваа година кога Силјан одбележува 65 години живот и 40 години од издавањето на првата негова поетска книга, задоволство е да се промовира неговата 20-та поетска книга ,, Отворена книга,,. Доволно за неговата поезија зборува што е тој еден од најнаградуваните автори во земјава. Тоа што воодушевува кај Силјан и што повеќето луѓе можат да му заблазнуваат е што тој успева да спои две работи. Тој ја спојува вокацијата, нешто за што живееме, и професијата нешто од што живееме. Тој е и поет, и литературен критичар, и автор на многу антологии - рече промоторот проф. д-р Златко Жоглев Ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола.
Авторот за ова дело, објаснува дека е синтеза на сите негови поетски сфаќања, преокупации од сите досегашни творби периоди на работа.
Во оваа моја книга преокупација е тоа што не преокупира последните неколку години, во периодот на осамостојувањето. Тоа е името, нашиот идентитет, националните превирања, самостојноста, делбите и преселбите на македонскиот народ. Поетската порака е чувството дека не има и тогаш кога не немало, а ќе не има секогаш кога ќе знаеме да се одржуваме како народа и нација - изјави авторот Силјан.
Книгата поезија ,,Отворена книга,, е издадена при крајот на минатата година. Оваа промоција беше дел од содржините на манифестацијата ,,Велес град на културата,, .
Tweet |