Петар Печков
Објавено: среда, 16 јануари 2013
Преку работната седмица а посебно во пазарните денови, вторник и петок да се најде празен паркинг простор во центарот на Велес е добивна комбинација, вистинско бинго. Зголемениот број на автомобили во градот, потребата да се заврши било која административна обврска во државните институции кои се сконцентрирани во центарот, како и користењето на услугите од банките содава метеж, хаос кој стана секојдневие за велешани. Во таквата состојба се автомобилите гои узурпираат тротоарите, па пешаците минуваат по коловозот.
Ова е неподносливо. За нас пешаците нема место каде да се движиме. Секој метар во центарот, околу Судот и Банката е освоен. Ова е болно прашање за градот и мора да се најде начин да се реши. Покрај тоа што е узурпиран тротоарот, едната лента од еднонасочните улици служи за паркинг така имаме двојна летна паркирани коли. Сообраќајната полиција е нема, ништо не презема. Кога сакаат, кога има манифестација или некој гостин во градот тогаш има ред и закон, ама тоа е инцидентно. Значи кога се сака, може да се создаде ред – велат велешани.
Тие проблемот го лоцираат во мноштвото новоизградени станбено - деловни комплекси во централното градско подрачје, на улицата Гоце Делчев. Во овие објекти се отворија повеќе банки, адвокатури, агенции, нотари. Сите старо нови корисници сега се судруваат со проблемот на паркинг простор, бидејќи тој пред Основниот суд, кој е единствен во тој дел на градот, е со одамна надминат капацитет од седумдесетина коли. И затоа велешани прашуваат каде се паркинзите за новите згради, кои тие се должни да го изградат заедно со објектот. Одговорот доаѓа од локалната власт, чии што стручни служби се надлежни за негово решавање.
Со постојната законска регулатива, овие нови згради подлежат на старото решение, тие не градат паркинг простор туку да го понудат најблискиот. Со промената на ГУП од 2006-та се предвидува секоја нова зграда да има свој паркинг простор и решение. Но бидејќи не се променети ДУП во овој дел на градот, на улицата Гоце Делчев која се уште се води како шеталиште иако одамна таа намена не е таква, важи дека инвеститорот како решение за паркинг може да го понуди најблискиот простор. За жал се нуди тој пред Судот иако е премал да ги прими нараснатите потреби на велешани. Но понуденото решение е согласно законите. И така ќе биде се додека не се промени ДУП. За разлика од тоа во другите делови до градот имаме поинаква состојба, новите згради кои се градат на две локации на улица Тодор Јанев и на Бане Андреев Ронката се со сопствен паркинг простор и без тоа не можат да се одвиваат градежните активности – велат од локалната самоуправа на општина Велес.
Како можно решение за паркинг просторот во центарот на градот подолго време, со години, се зборува за катна гаража, иако малку конкретни чекори се преземаат. Но дали е тоа вистинското.
Катната гаража било да се гради со општински средства или јавно- приватно партнерство е економски неисплатлива. Анализата покажува дека паркинг простор се бара во терминот од 8 до 15 часот, потоа интерес нема, може да се најде слободен паркинг простор. Сабота и недела, или викенд исто така нема таква фреквенција на автомобили во центарот на градот, каде се лоцирани банките, осигурителни друштва, судот, адвокати, нотари и другите. Затоа да се гради катна гаража за искористеност само третина од денот е неисплатлива инвестиција и мислам дека нема да има иднина во Велес – вели соговорникот архитект кој бараше да биде анонимен.
Велес располага со четири паркинг простора во градот, со капаците од 300 автомобили, што е премалку за илјадниците кои секојдневно се по градските улици.
Tweet |