Петар Печков
Објавено: среда, 01 септември 2010
Бранувањата околу спојувањето на двете ОУ Џинот и Благој Кирков во едно Панко Брашнар продолжуваат, откако градоначалникот на прес конференција ги повика советниците да дадат одговор како тие планираат да го решат овој проблем.
Право е на советниците да ја симнат од дневен ред точката, но обврска е да понудат според нив релевантна анализа, доколку тоа што е понудена е лажна. Очекувам во наредниот период по нивна иницијатива да се најде на дневен ред оваа точка. Доколку тоа не го сторат, јас истата повторно ќе ја ставам на разгледување – изјави Горан Петров, градоначалник на Велес.
На последната седница на Советот на општина Велес, советниците едногласно ја симнаа од дневен ред иницијативата за спојување на двете основни училишта Џинот и Благој Кирков, поради малиот број ученици и заради поекономично работење. Советниците беа со став дека подготвената анализа е лажна и доцна доставена до советот, непосредно пред почетокот на учебната година. Градоначалникот на ова упати сериозна забелешка, која два нов аспект на проблемот со рационализацијата во образованието.
Точката ја доставив пред ва месеци да се стави на дневен ред токму поради можноста за реализација во текот на летниот распуст. Од непознати причини таа не беше ставена а се разгледуваше во седумте дена додека бев отсутен од работа – изјави Петров. Претседавачот Чадиев изјави дека точката на дневен ред е ставена во законскиот рок 15 дена од добивањето на документот од страна на општинската администрација.
Петров не сакаше да ги коментира можните причини за гестот , ниту гласините дека советниците од двете партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го штитат нивниот кадар во училиштата и за тоа упати одговор да дадат токму партиите. Но најави дека нема да се откаже од спојувањето на овие две училишта во едно ново Панко Брашнар.
Бројките од годинава повторно одат во прилог на иницијативата, бидеќји во двете училишта заедно се запишале во прво одделение 83 ученика, Џинот 33 а во Благој Кирков 38., наспроти завршените 116 осмо одделенци пролетва, 66 во Благој Кирков и 50 во Џинот.
Од училиштата веќе стигнала и барање за да работат под законскиот минимум, што е казниво од надлежната инспекција. Ако тоа го дозволиме, кој ќе ги сноси последиците. Евидентно е и дека 70-тина деца од десната страна на градот, каде гравитираат овие две училишта, се запишале или посетуваат настава во училиштата од левата страна, Св. Кирил и Методиј или Блаже Конески. Ова е дозволиво но се одразува на работата во Џинот и Благој Кирков- рече градоначалникот Петров.
Tweet |