речник контакт

Стоп за граѓанските иницијативи

За две децении во земјава не минала ниту една граѓанска иницијатива

Петар Печков

 За две децении самостојна држава ниту една граѓанска иницијатива не минала. Зошто тие се маргинализираат и без амин на политичарите не проаѓаат беше темата на трибината ,,Граѓанските теми фиктивност или реалност,, која се одржа во Велес. Повеќе претставници на граѓанскиот сектор со иста констатација, извлечена од нивното долгогодишно искуство, граѓанските иницијативи  се гушат.

Законот за референдум и други облици на граѓанско изјаснување  е со голем број на дефекти. Направен е граѓанските иницијативи да не минат,  има негативно влијание врз процесот на собирање  на потписите. Затоа е потребна интервенција во него и да се променат одредени членови. Политичарите не го применуваат туку го толкуваат и тоа резултираше со фактот што за овие 20 години ниту една граѓанска иницијатива во земјава не минала – вели Ненад Коциќ претседател на ЕД Вила Зора.

Тие последни го почувствуваа овој проблем  со иницијативата за промена на законската регулатива, тешка индустрија да се гради најмалку 5 км подалеку од населено место. Тоа иако го мина првиот филтер, потоа заглави во административните лавиринти и тие немаа можност ниту еден ден да ги собираат потребните 10 илјади потписи, иако ја имаа потребната документација.  Од Здружението Аман имаат поинакво искуство, потписите ги собраа ама ни тоа не значеше обврска, таа волја на граѓаните да се почитува.

Граѓаните на Македонија се исклучени од процесите на одлучување. Без оглед што тие преку собирање на потписи  го кажале нивниот став, тие иницијативи пропаѓаат оти се сведуваат на одлучување на политичарите  и институциите кои не го слушаат гласот на народот.  Тоа изминатите години во пракса се покажало 100 отсто. Кај народот  некое време се импутира чувство на апатија со тоа што се одбиваат граѓански иницијативи и некој  свесно се труди уште повеќе да ги деморализира луѓето, да мислат дека не постои излез од оваа состојба и дека односите на моќ  во земјава се дадени еднаш и такви ќе останат засекогаш  – вели Васко Лазаров од здружението АМАН.  

Од овие здруженија потенцираат дека граѓанските иницијативи наидуваат на бројни пречки  од страна  на надлежните институции. Се соочуваат и со притисоци  од медиумски, политички, социјални и економски моменти. Тоа резултира, без обѕир што граѓаните ги потпишале и поддржале, на крајот иницијативите пропаѓаат.

Нашите пријатели од Плоштад Слобода покренаа иницијатива во општина Центар за која граѓаните теоретски е невозможно да излезат и да се потпишат. Познато е дека во терминот од 9 до 16 часот  повеќето  се на работите места и тоа е прекратко за да можат тие да го кажат нивниот став со потпишување на иницијативата – изјави Душко Христов од Полио Плус.

Граѓанските здруженија се организираат и надеваат дека со заеднички настап ќе предизвикаат одредени промени во регулативата и односот кон нивните предлози, и конечно во земјава да се слушна гласот на народот.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »