речник контакт

Јавноста на нозе, сообраќајки на пешачки, пешаците жртви

Три сообраќајки за еден месец, жртви старци кои минуваат на пешачки. 17 ноември светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди

Петар Печков

Јавноста во Велес е револтирана,  реакциите се  жестоки откако во неделата вечер П.П. (73 год) настрада и се здоби со тешки повреди во сообраќајка, на пешачки. Тој само со помош на докторите од велешката Болница бил вратен во живот, откако автомобилот  кој го удрил, го влечел десетина метри по пат. Ова е трета за еден месец со ист епилог. Автомобил удира во пешак додека тој минува на обележан премин.

  Ова е срамота  што се случува во градот. На местото кое е обележано за минување, каде пешакот  треба да има предимство се случија бројни сообраќајки. И тоа повеќето стари лица, кои се здобија со тешки скршеници и завршија во Болница.  Полицијата мора да спроведе поголема и построга акција, вака повеќе не може – вели Живко Недев пензионер.

Изминатите месец дена се случија повеќе вакви сообраќајки, што создава несигурност кај велешани. Тие бараат сообраќајната полиција да ги заштити, да се почитува законот.

Гледам дека и полицијата не обвинува нас пешаците, дека  сме минувале полека на пешачки. Ами старци не може да летаат, тие полека се движат. Наместо со вакви изјави на локалната телевизија, тие треба да бидат совесни во нивната задача. Да ни обезбедат нас на пешаците барем на пешачки да бидеме сигурни – вели Слободан Димов исто така пензионер.  

Пред еден месец автомобил ,,пежо,, со велешки регистарски таблички управувано од Г.Т. ( 42 год) го удрил старецот И.П. (88 год) кој минувал на обележан пешачки премин. Сообраќајката се случила кај крстосницата ,,Панини. Неколку дена потоа   близу до Пензионерскиот дом такси тико управувано од Т.К.. ( 35 год)   на пешачки премин го удрил  старецот С.И. ( 76 год), Во неделата пак  форд фиеста  управувано од В.А. ( 23 год) го удрил П.П. ( 73 год) додека тој минувал на пешачки кај  Стар мост. Сите тројца се здобиле со тешки скршеници на екстремитетите.

Летово пак на пешачки тешко беше повреден Зоран Димов македонски репрезентативец во маратон. Него го удри моторист на пешачки а Димов поради тешките скршеници на нозете е во прашање дали ќе ја продолжи атлетската кариера. 

На овој пешачки премин кој го поврзува Младинскиот парк со Градскиот стадион  изминатото лето се случија уште неколку сообраќајки, каде настрадаа пешаците. Од велешката полиција потврдуваат дека има зголемен број на тешко повредени пешаци  во сообраќајки на пешачки премин, а за тоа вината ја лоцираат кај возачите.

Поради зголемениот број на  сообраќајни несреќи на обележани пешачки премини, полициските службеници се секојдневно на терен  и вршат засилен надзор над возачите, да пропуштање на пешаци на пешачки премин. Мерките  кои се превземаат најчесто се репресивни. За секое непропуштање на пешак на обележан премин се изготвува  записник. За преминувањето на пешаците  надвор од премин, сообраќајната полиција исто така има воведено контроли, за секој прекршок лицето се поканува на сообраќајна поука во просториите на Полициска станица – изјавија од СВР Велес.

Бројките на СВР Велес покажуваат дека крстосницата кај Панини е најопасна, таму изминатите три години се случил 26 сообраќајки со 12 повредени лица од кои три тешко.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »