речник контакт

Биолошка хаварија на стадото кози во Стари Град

Сточарот Јованче остана без половина стадо кози, кои необјасниво умираат

Петар Печков

Сточарот   Јованче  Груев од селото Стари Град остана без дел од стадото кози. За  еден месец му починале 40-тина, така  вкупниот број 110 сега му е осетено намален. Причината не ја знае, иако козите и јарињата му се вакцинирани. Тагува по изгубените животни, оти тие освен што му обезбедуваат живот, тој ги одгледувал и добро ги познава. Дел од нив имаат и имиња, Шарка, Цвета, Драгица, Душица, Невена.

Кај мене се случува биолошка хаварија, дел од стадото, кози, јариња од непознати причини умира.  Дали е вирус, дали е бактерија не знам, но знам дека без малку половина стадо умре.  Вакцинирани се од бактерија, ама не помага, не минува. Не знам што ќе биде, да не е некоја микоплазма – вели Груев.

Стравува по остатокот од стадото, да не и тоа се зарази и остане без него. Пријавени му биле за субвенции и  може да се случи, наместо  за повеќе од стотина грла финансиска помош да добие за помалку од половина. А од ова живее неговото тричлено семејство, сопругата и седуммесечниот син. Болните кози не даваат и млеко, така што трпи двојна штета.  Случајот го пријавил во Ветеринарната станица во Велес. Тие  од него побарале да однесе  внатрешни органи за да се испитуваат причините за смртта. Иако минало десетина дена , досега на ги добил резултатите.

   Примероците беа однесени на Ветеринарен факултет и сега чекам резултати. Козите добиваат треска, пролив, не се хранат, слабо се држат на нозе, заостануваат кога ќе ги однесам на паша. Ќе се стутка некаде во некоја грмушка, кога ќе се вратам да ја побарам гледам волкот го изел -  објаснува Јованче.

Тој ги чува сите загинати животни во буриња,  се надева дека ќе дојде некоја комисија, ќе го обесштети, како што тоа им се случувало на поплавените земјоделци. Ова не му е прв пат да му почине  дел од стадото. Се повторувало на три четири години. Забележал дека кога  има многу вода на пролет, или  се излее блиската река Бабуна, нему му се случува угинување на стадото. Така било и годинава. За сите претходни случаи барал помош од надлежните од Министерството, но никогаш не ја добил.

Кога им помагаат на поплавени, на опожарени подрачја, зошто и мене да не ми помогне. И јас сум оштетен, од биолошка стихија, не по своја вина, ги имам вакцинирано козите. Ги чувам и одгледувам. Половина година младите ги одгледувам, ги хранам,  и таман да ги пријавам за субвенции, ништо изумреа. Нешто и волците ми  дават, ама  ловџиите не тепаат повеќе волци, оти не ми се платени парите  за секој  убиен примерок - рече Груев кој се води како индивидуален земјоделец.

Смета дека храната, житото со кое ги храни  не е причина за смртта, оти не биле сите  од стадото зафанати од болеста. Згора на тоа чувал и три овци заедно со козите , кои немале никакви здравствени  проблеми.  Освен кај Груев кај друг сточар во околината, Извор, нема регистрирано угинување. Јованче, цел негов живот се бори  за скромен живот. Неговата куќа е покрај патот Велес- Богомила. Вели дека е тешко да се бавиш со земјоделие, оти тој има и голем овоштарник, најмногу јаболка кои се одгледуваат во чиста еколошка средина. Роден е без тиреоидина жлезда, докторите успеале тоа да го откријат како бебе. Затоа сега е постојано со лекови, ги носи со себе и  во поле, и  во јаболкарникот,  да се најдат за секој случај.


Надлежните објаснуваат дека  се запознаени со случајот на угинувањето на козите од сточарот Груев.  Но тој доцна ги вакцинирал животните.

Се уште ги немаме добиено резултатите  од испитувањата на козите на стадото  од Груев. Тој изврши доцна вакцинација на неговото стадо, во февруари и покрај нашите предупредувања дека треба да го стори порано. Во овој период тие веќе почнуваат да се хранат со свежа зелена трева која може да предизвика одредени проблеми. Згора на тоа по неговата реакција му посочивме дека треба да им дава антибиотици, но нашата евиденција покажува дека нема набавено никаков лек. Не може животните еколошки да преживеат само со храна, вакви заболувања мора да се лекуваат   - велат од Ветеринарната станица Велес.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »