Петар Печков
Објавено: петок, 04 ноември 2022
Велешката полиција соопшти дека во текот на вчерашниот ден, во дом на двајца сопружници од Велес, пронашла дрога.
„На 3 ноември околу 08.45 часот, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода A.М.(39 год ) и E.М.(36 год), двајцата од Велес. При претрес во нивниот дом, извршен со наредба од Основен суд во Велес, биле пронајдени хероин и дигитална вага“- информира Ристе Самарџиев портпарол на СВР Велес.
Лицата биле приведени во Полициската станица во Велес.
Основното јавно обвинителство Велес донело наредба за спроведување истражна постапка против овие две лица, А.М. и Е.М. на возраст од 39 и 36 години, бидејќи постои основано сомневање дека како соизвршители сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги,
„Осомничените маж и жена, кои живееле заеднички како вонбрачни партнери, во својот дом држеле наркотична дрога – 94,18 грама хероин во повеќе различни пакувања. При претресот на домот, осомничената преку прозорецот од куќата надвор исфрлила дел од наркотичната дрога. Полицијата во куќата пронашла и други предмети кои укажуваат на намерата за илегална продажба на дрога – една дигитална вага, пари, тетратка со записи за неплатени долгови од лица и платежни картички на име на различни лица“- соопштија од ОЈО Велес..
Бидејќи постела опасност од повторување на кривичното дело, како и можност за бегство на осомничените, јавниот обвинител предложил да им биде определена мерка притвор. Судијата на претходна постапка од Основен суд Велес го прифатил предлогот и на осомничените им определи притвор во траење од по 30 дена.
Tweet |