речник контакт

Вардар го носи брегот, дел од куќите во Дворови во опасност

Свлечиште покрај Вардар им се заканува на дел од жителите од Дворови, Од локалната власт велат проблемот е сериозен и тежок за решавање

Петар Печков

Десетина куќи од месноста Дворови, на улица Благој Нечев се во опасност. Реката Вардар го однесе брегот и сега тие стравуваат што ќе се случува со нивните домови. Местото е специфично, бидејќи тука  брегот е висок десетина метри а приод нема.   Станува збор за свлечиште, а земјата се лизга од реката која  ја носи. Високото ниво на реката оваа пролет, резултирало со одвлекување на големи количества на земја. Сега ивицата е до нивните куќи а некаде дел од помошните простории се во воздух, немаат тло под нив. Така  се поткопани темелите на  куќите, кои се во близина на основното музичкото училиште Стефан Гајдов.
   
Стравувам за животите на семејството. Оти кога веќе Вардар почна да носи, прашање на време е кога ќе однесе нови кубици земја. Поткопани се темелите на куќава. Се симна брег во должина од десетина метри и широчина две до три. Имаше тука засадено дрвја, багреми за да ја држат земјата, ама   ни тоа не помогна. Голем брег однесе, отиде во Варадар – вели Кире Лазаров еден од сопствениците на куќите на улица Благој Нечев.


Останатите соседи се жалат дека почнале да им напукнуваат ѕидовите, што било последица на поместувањето на тлото.  Велат дека ова е свлечиште за кое општината мора да најде решение.

Ова е итна работа, не трпи одлагање, животи се прашање. Бараме надлежните да најдат  решение и да ни помогнат. Куќата е со документ, легална, не е дивоградба. Ние не сме криви што Вардар го менува своето течение и за последните десетина години тој  се повлекува кон оваа населба. Ние на секој дожд стравувавме што ќе не снајде, дали надојден Вардар ќе ја однесе куќата и оваа  населба – вели  Катерина Лазарова.

 Таа потсетува дека преде некоја  години на куќата им паднала топола која била во близина и сериозно го оштетила покривот. Не тужеле  а добиле смешно обештетување од две илјади денари. Од локалната власт  на  општина Велес се запознаени со проблемот и објаснуваат дека се бара решение.
 
 Ова е многу сериозен проблем. Нема приод до брегот за да може да се преземат некои итни интервенции. Ќе бараме од професори од  Градежен факултет да изработат  проект. Како што во одделни делови на градот имаме оштетување на  куќи поради паѓање на карпи, овде имаме оштетување поради лизгање на тлото, ко  е песокливо и мил - велат од Општина Велес.

 Познавачите на состојбите објаснуваат дека до рушење на брегот доаѓа поради промената на текот на реката Вардар. Тоа пак е предизвикано од големиот број на диви градежни депонии, кои се создаваат покрај брегот со фрлање на градежен шут или земја. Така се  менува течението на реката и таа бара  нов слободен простор за нејзините води.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »