Петар Печков
Објавено: петок, 25 ноември 2022
Велес ќе биде домаќин на Европскиот куп во далечинско пливање. Оваа одлука ја донела Европската пливачка федерација (ЛЕН). Според објавениот калдендар настанот ќе се одржи на 3 септември на езеро Младост, во рамките на Пливачкиот маратон. Тој следната година ќе биде јубилеен 10-ти по ред. Велешкиот пливачки маратон го организираат Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“ и ККК „Бабуна“заедно со Пливачката федерација на Македонија.
„Ова е голема чест за нас но и голем предизвик. Имаме поддршка од локалната власт и градоначалникот. Имаме искуство од девет години организација зад нас и убеден сум дека ќе бидеме добри домаќини“ - кажа Иле Попов претседател на Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28.
На годинашниот Европски куп во далечинско пливање учествувале во машка и женска конкуренција повеќе од 200 натпреварувачи. Победници биле Италијанците Грегорио Палтринери кај мажите а кај жените првото место го делеле Џулија Габриелечи и Гиневра Тадеучи.
Додека во Македонскиот куп во далечинско пливање првото место го поделија Евгениј Поп Ацев и Александар Ивановски, а посетителите на годинашниот настан на езеро Младост, видоа финиш во кој победникот помеѓу овие двајца се решаваше за дел од секундата.
Календар на Европскиот куп во далечинско пливање за 2023 година се состои од шест трки, петата е во Велес на езеро Младост. Првата е во Елијат Израел на 19 март, втората во Италија во Пјомбино на 13 мај, па следи Белград на 17 јуни, Саморин Словачка на 19 август и последната е на 23 септември во Барселона Шпанија.
Ова е најголем меѓународен спортски настан што се организирал во Велес, каде се одржале натпревари на македонски сениорски репрезентации во квалификации за ЕП и СП, но од ваков масовен обем досега немало.
Tweet |