Петар Печков
Објавено: понеделник, 27 април 2015
Десетина деца пронајде медицинската екипа за вакцинирање, која деновиве беше на терен. Овие деца иако имаат по десетина години не ги примиле потребните вакцини, кои сега ги добија и тоа бесплатно. Оваа акција е во рамките на Европската недела на имунизација, која се спроведе минатата седмица и во Велес.
Во текот на ова претпладне изведовме акција на вакцинирање на деца кои иако се на школска возраст, не посетуваат училиште, од за нас нејасни причини. Тие се не вакцинирани или не комплетно вакцинирани а сите се вон наставен процес. Затоа излеговме на терен и пронајдовме 10 вакви случаи и на лице место ги вакциниравме. Имаме список на деца и така ги пронаоѓаме. Мошне е важно за овие деца кои се постојано на улица да бидат вакцинирани, заради превентива од заразни болести – изјави д-р Пандели Божиков началник на службата за превентивна здравствена заштита.
Неговата посета, заедно со медицинските сестри е десетта година по ред, традиционално во четвртата седмица од месец април. Децата беа вакцинирани од тетанус, ситна сипаница, заушки и рубеола. Велешкиот регион е при врвот во Македонија според вакцинираноста на децата во земјава, 97 отсто од нив се опфатени со вакцини на школска и претшколска возраст, додека за ХПВ е дури 96 отсто. Додека во другите срединиод земајва има отпор кон оваа женска вакцина, во велешко нема проблеми со родителите на ова популација, освен во седум случаи.
Процентот на ревакцина за шест годишните деца против мала сипаница, рубеола и заушки е 99,3%. На седум годишна возраст за ревакцина од детска парализа, дифтерија и тетанус опфатеноста е 99%. На 14 годишна возраст имаме опфатеност од 98% и на 18 години е реализацијата е 99,5 отсто .Со овие податоци сме во самиот врв во земја, имаме висок опфат на децата со задолжителна имунизација. Вакцините се сигурни и безбедни, досега кај ниту едно дете не се јавиле никакви проблеми. Нека не наседнуваат на повиците од социјалните мрежи, тоа се дезинформации и невистини. Како што ние, родителите, сме вакцинирани, така и децата треба да бидат во интерес на нивното здравје - додава д-р Божиков.
Тој апелира до родители да дозволат да се вакцинираат нивните деца, што е задолжително. Причината што има деца на школска возраст кои не се вакцинирани, т.н .џебови е преселбата на родителите.
Детето е родено во Радовиш. Тогаш таму беревме вишни. Потоа бевме во Струмица. Сега две години сме во Велес. Не знам каде потоа ќе не нанесе патот. нема никаков документ, извод, не оди ни на школо - вели мајка на десетгодишно момче. Тоа не беше единствен пример. Уште неколку деца кои чекаа на ред за вакцина ја делеа истата судбина, не постојат никаде во документите за родени, не учат. За некои деца мајките не ги знаеја датумите на раѓање. Знаат дека се родени во време на берба на цреши, грозје, праски, околу Нова година, но не и точен датум.
Tweet |