Петар Печков
Објавено: недела, 19 мај 2013
Општина Велес и СВР Велес организираат акција „Чист град“ 2013, продолжување на сличните од изминатите години. Акцијата стартува на 20-ти мај годинава, понеделник. Во првата фаза се евидентираат за да се отстранат нерегистрираните, хаварисаните и дотраени моторни возила, приколки и камп- приколки, запрежните возила, трактори, земјоделски машини и алати кои се на отворени простори и јавно - сообраќајни површини. На овој начин се создаваат н услови за безбеден и уреден сообраќај и здрава и чиста животна средина.
Општина Велес и СВР Велес ги потсетуваат граѓаните дека согласно Законот за јавна чистота, на јавните површини забрането е:
Оставање на нерегистрирани, хаварисани возила, приколки и камп приколки,
Оставање на запрежни коли, трактори, земјоделски машини и алатки,
Поправање, сервисирање возила и вршење на разни занаетчиски работи,
Миење на возила и камп- приколки,
Испуштање на отпадни води и други течности од дворните места и објекти,
Фрлање и оставање отпадоци од градежен материјал
Согласно предвидената динамика за успешна реализација на акцијата, истата ќе се спроведе во две фази и тоа превентивна и репресивна. Во првата фаза екипа на СВР Велес и Општина Велес ќе врши контрола на состојбата на улиците, паркинг просторите пред и зад станбените згради како и јавните паркиралишта. Утврдените прекршоци ќе се документираат и фотографираат, а сопствениците на непрописно оставените хаварисани возила ќе бидат известени да ги отстранат во рок од 7 дена. Доколку сопствениците не постапат по добиеното известување, во втората фаза ќе се применат репресивни мерки согласно Законот за јавна чистота , возилата ќе се отстрануваат на трошок на сопствениците на истите.
Tweet |