Петар Печков
Објавено: сабота, 04 декември 2010
Слаб одѕив на велешани за да го вратат огненото оружје кое нелегално го поседуваат. Иако минаа пет месеци откако е на сила Законот за оружје, со кој се дозволува доброволно предавање на оружјето, без за тоа да има прекршочни или кривични пријави, малкумина жители на велешка општина го сториле ова.
Прв пат слушам дека има ваков Закон. Не ми е познато, јас немам оружје ама познавам соседи кои на секоја пригода а без повод пукаат а пушката им е нелегална. Би било добро граѓаните да се запознаат со новите законски можности, за доброто на сите. Не е баш пријатно кога знам дека во соседството има огнено оружје кое секој момент може да се употреби – вели велешанец од улицата Вера Цири Вири.
Не е познато колку оружје има во регионот кој го покрива СВР Велес ги опфаќа и општините Кавадарци, Неготино, Чашка и Градско. Статистиката покажува дека граѓаните се најголемите сопственици на огнено оружје. Тоа во земјава во зголемен број го има по конфликтот во 2001-ва година. Освен оружје може да се предаде и муниција која е во поголема количина отколку што е потребна
Од целокупната маса оружје во земјава во полицијата се три отсто, седум се кај војската а остатокот е кај граѓаните. Од тие 90 проценти поголемиот дел е нелегално оружје кое се чува кај поединци. Некои од нив се алкохоличари, други наркомани, трети со нарушено психичко здравје или сите се нестабилни личности.
Тоа создава несигурност, вознемиреност и страв кај другите, бидејќи во афектна состојба се случувале различни кривични дела, кражби, разбојништва, киднапирања, насилства до убиства. Ова е ретка можност сите граѓани да се ослободат од оружјето кое го поседуваат нелегално и тешко ќе се повторни во некое скоро време, затоа треба да ја искористат - изјави Ненко Александров началник на одделение за превенција при СВР Велес.
Тој посочи примери кога поради кавга за меѓа, за прегазено животно, расправијата се случувало да заврши со истрели од пушка која била судија. Новиот Закон за оружје донесен во јуни годинава, предвидува можност поединци без никакви последици и пријави, да се ослободат од оружјето што нелегално го поседуваат и го предадат на надлежните полициски служби. За таа можност секоја сабота од 8 до 16 часот на телефонскиот број 192 можат да се јавуваат граѓаните а полициските службеници излегуваат на терен и го собираат анонимно, без никакви формалности. Во кампањата од 2003-та година се собираше оружјето кое нелегално се поседува, но сепак тоа и натаму го има кај граѓаните. Затоа со овој Закон до јуни 2011 се дава нова можност поединци да се ослободат од него.
Оружјето кое се собира, важно е неговите ознаки да не бидат уништени или оштетени, значи читливи и тоа да не е во сопственост на друго физичко или правно лице. Оружјето кое се предава не смее да биде претходно употребено за извршување на некое кривично дело. При неговото одземање не се врши идентификација, легитимација ниту евидентирање на присутните лица – вели Роберт Павлов од одделението за превенција при СВР Велес.
Заради запознавање со новата можност која граѓаните без малку и не ја знаат, СВР Велес започна кампања која ќе се одвива на повеќе форми, преку делење на флаери и трибини во месните и урбаните заедници.
Tweet |