речник контакт

Велешани се офајдија и од собирање полжави

Од ова сезонска работа собирачите спечалија и до 10 илјади денари иако откупот заврши порано

Петар Печков

Годинава поради врнежливото време беше погодна за собирање на полжави, но откупот заврши за краток период.  Дел од невработените велешани и од социјално ранливите категории го пополнија скромниот домашен буџет со собирање на полжавот. Цел април и дел од мај тие беа по околината на градот за да се соберат што повеќе од овие мекотелни животни.

Годинава беше   идеална за собирање полжави. Беше врнежлива, ги имаше доволно. Не моравме да одиме далеку, надвор од градот за да собереме по една вреќа.  Дневно можеше да се спечалат и до 500 денари, што не е за потценување. Откупната цена беше 20 денари за килограм, колку и минатите години, на исто ниво. Нема многу  тешкотии при собирањето, само мора да се внимава некоја змија да не се појави. Но кога има влага, нив ги нема. Годинава и покрај тоа што имаше многу полжави и погодно време, откупот бргу заврши – вели велешанец кој со години  го закрепнува домашниот буџет преку собирање на полжави.

Некои од нив ова го работат во трета, ноќна смена, кога поради росата полжавот го има повеќе на терен, додека дење од сонцето кое му штети, тој се повлекува. За овој период собирачите добија и до 10 илјади денари. Се собира шумскиот  или турски полжав, тој се откупува, другите видови не. Се откупува сосе куќарката и месниот дел.  Го преработува  фабрика  во Неготино и потоа се извезува на странскиот пазар, како деликатесна храна и специјалитет.   Полжавот од велешко го откупува фирмата Теа Плантс, која годинава откупи 10-тина тони. Иако има  години кога  се откупувало и по 40-тина. 

Имаше голем интерес за откуп на полжави. На ова влијаеше врнежливото и влажно време. Запревме порано со откупот со цел да не јават евентуални проблеми со вишок на полжави, па да не може да се исплатат собирачите.  Полжавите ги собираат лица кои со години го работат ова и тие го знаат и теренот од каде може да  се најдат – вели Митре Димовски од фирмата  откупувач Теа Плантс.

Кај нив доаѓаат собирачи од Свети Николе, Велес, Лозово, Чашка и Градско. Но освен  предвремениот прекин на откупот, познавачите и одгледувачите велат дека треба да се внимава и на биолошката граница за собирање полжави од природата, оти собирање се одразува на овој животински вид. Затоа државата го ограничила годишно прибирањето на полжави од природа на 100 тони за територијата на цела Македонија. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »