речник контакт

Велешанката Вера Цветановска, првата камионџивка во Македонија

Го возев камионот и си пеев

Петар Печков

Има некои професии за кои од предрасуди велиме дека се „машки“, како што се шоферската, пилотската, рударската и др...Но, 75-годишната Вера не мислела така, кога била во третата деценија од животот.

Кога се омажив имав само 16 години. Зедов момче трговче кое работеше во Велес, ни рече таа и продолжи со раскажувањето. Тој работеше, а јас по цел ден си потпевнував, сполај му на Господ имав талент па и сега пеам. На аудицијата во Велес „Микрофонот е ваш“ жирито ме прифати да пеам во Радио Скопје. За жал балканскиот менталитет кај мажот ми, љубомората, ме отстрани од пејачката кариера.

А невесто, ми рече тој, знаеш ли што може да се случи? Вака млада меѓу пејачи „волци“ не ќе се свртиш дома. Седи си и пеј си подома. Јас ќе работам за двајцата. Арно ама, ни се намножи семејството. Господ ни даде 3 деца и, откако се преселивме во Скопје, со една плата не се живееше. Мажот ми работеше во магацин за градежен материјал – имаше многу работа за превоз на купената стока.

Се пријавив на испит за возач – Б-категорија. Положив без негативни поени, зашто многу сакав да бидам возач. Со ново купеното „Тамче“ доста заработував превозувајќи низ Скопје и во внатрешноста. По две години возачко искуство, си купив камион

„Застава 645“, со задоволство  раскажуваше тетка Вера.
Како, мори жено, ќе се снаоѓаш по патиштана низ цела (тогашна) Југославија, ме праша маж ми.

Остави го тоа, му велам, туку како ќе положам за „Ц“ категорија.На полагањето за возење и тестови немав проблем, ама Мотористика бев „тутурутка.

Како другарке, ќе возиш без познавање на моторот, ми рече испитувачот.

Јас сум педантна за одржување на моторот- редовна контрола, пред тргнување, на вода, масло, светло и нема проблем му велам. А, и друга мака имам - мажот ми ќе го натерам да положи, но тој си е пијаничиште! (Бог да го прости, капка алкохол не пиеше, ама морав да се снаоѓам - камионџивка прва да бидам). Дотка Вера додала уште дека децата им биле малолетни, пари малку, па по завршувањето на специјален курс, положила и Мотористика.
-Не ме пуштија од сожалување, туку поради „машкото“ возење, ни вели убедително. Интересно беше да  раскаже неколку од нејзините безброј женски шоферски доживувања.

Многу ги има. Еднаш, враќајќи се од Гевгелија, пред тунелите во Демир Капија, ме стопираше една млада дама. Запрев и ја отворив вратата за да влезе. – А, не, благодарам, ми рече таа, јас очекував маж, а не жена. Си остана да чека тоа што и требало. Што да речам - „Камењарка“! Друг пример што во стовариштето во Маџари еден колега „ме наклеветил“ на сообраќаец дека камионот што го гледаат не го возел маж, туку жена. Слушам сирена свири по мене. Застанав, а сообраќаецот само ѕирна и ми рече: Вози мајсторе! Сакав да се уверам дали навистина си жена -возач!

Баба Вера си продолжила со шоферирањето. Возела и пеела! Па, така таа била најдобар возач меѓу пејачите и најдобар пејач кај камионџиите. На крајот на  разговор таа не почести со славејски глас исполнувајќи ја народната „Јовано, Јованке“. Таа е активна во Здружението на пензионери во Велес, а си живее кај „дотка“и Живка и уште постарата им сестра. „Си живееме како што одликува - како сестри!, ни рече на крајот камионџивката.

Не како сестри, ами како браќа, вели Живка, една од најактивните и највозрасните членки и иницијаторка на манифестацијата „Благцето на баба“

.Овие три бабички- сестрички си живеат среќно благодарејќи и на веселата атмосфера што си ја приредуваат со соло или трио исполненија на стари македонски песни.
 Автор на текстот Веле Алексовски

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »