Петар Печков
Објавено: среда, 08 јануари 2014
Според категоризацијата што ја врши Министеството за транспорт и врски за услугите на патниците на автобуските станици, велешката автобуска станица е од прва категорија. Комисија состави листа од најдобрите и најквалитетни во земјава, според мониторинг на опременоста и категорија од еден до четири, во зависност од критериумите што ги исполнуваат и врз чија основа наплатуваат за услугите што им ги даваат на автобуските превозници, односно на патниците.
Така велешката е во ранг со тие од Скопје, Штип, Битола, Кавадарци, Струмица и во Тетово кои се влезени во првата категорија. Осум станици се во втората, а по пет автобуски станици во третата и во четвртата категорија.
Според бројот на патници, во автобусите кон и од главниот град најредовни се патниците на кратки релации, кои превозниците ги нарекуваат прва категорија.
Од Велес, Куманово и Тетово, секојдневно голем број луѓе доаѓаат во Скопје на работа, на лекар, на училиште, на гости, на шопинг. Втора категорија се тие што доаѓаат во клиниките во Скопје, а трета се студентите, кои имаат специфична динамика на патување, во неделите доаѓаат во Скопје, а во петоците се враќаат во градовите од внатрешноста. Дел од превозниците кон Скопје во изминатиот период бележат намалување на бројот на студентите што патуваат кон Скопје поради отворањето на дисперзираните факултети низ државата.
Не ретки се случаите кога автобусите се алтернатива за брзо испраќање храна, документи, лекови, од една до друга дестинација. Во изминатиот период Агенцијата за пошти тоа го оквалификува како нелојална конкуренција за поштенските опартори и таквите активности апсолутно не претставуваат приход за транспортната компанија. Проблемот може да се реши со лиценцирање на превозниците.
Тоа не го прави транспортната фирма. Не може да се забрани некој патник да му пријде на возачот и да му даде пратка, некој праќа храна, дел за автомобил, упат за на лекар, протези... Тоа е проблем што треба да се реши на друг начин, но апсолутно тоа не претставува извор на приход на ниту една транспортна компанија. Тоа е услуга помеѓу возачот и тој што ја праќа пратката. Сакаме тоа да се стави во рамка и да биде под контрола, не сакаме поштата да мисли дека сме и нелојална конкуренција. Тоа би можело се регулирало со лиценца за вршење поштенски услуги и апсолутно како превозници ќе преземе се што треба за да тоа влезе во законски рамки, велат од автобуските превозници.
Tweet |