Петар Печков
Објавено: понеделник, 05 септември 2016
Во саботата околу пладне на магистралниот пат Прилеп - Битола, кај селото Лагово се случила сообраќајна несреќа. Во неа тешко е повреден мотористот од Велес, чиј мотор по несреќата завршил на кровот од автомобилот. Во директен судир учествувале мотор и автомобил опел астра со прилепски регистарски таблички.
Сообраќајката се случила во 13,25 мин. помеѓу мотор марка ,,сузуки,, управуван од велешанецот Д.К. ( 26 год) и автомобил марка ,,опел астра,, . По несреќата мотористот бил пренесен во Општа Болница Прилеп, каде се констатирани тешки повреди – скршеници и тој е задржан на лекување – изјави портпаролот на СВР Битола Соња Стаматова.
Увидна екипа на СВР Прилеп била на местото на настанот а истрагата ќе ги открие причините на несреќата.
Според сведоците сообраќајната несреќа се случила при директен судир при што од брзината моторот излетал на кровот од автомобилот. Среќана околност била што по ударот мотористот паднал во канал близу патот, а не на асфалтниот пат па минал со скршеници на рамото.
Кога дошла увидната екипа за да ги истражува причините, добиле впечаток дека моторот бил товарен на кров од автомобил, за да се транспортира а не дека таму, на кровот завршил по ударот.
Tweet |